ЦИВИЛ: Нулта толеранција за изборните нерегуларности

ЦИВИЛ – Центар за слобода им посакува мирен, слободен, фер и демократски изборен ден на сите граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија.

НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА ИЗБОРНИТЕ НЕРЕГУЛАРНОСТИ

Како и секогаш, ЦИВИЛ најавува дека го негува принципот на нулта толеранција за изборните нерегуларности.

Секој и најмал облик на нерегуларност и непочитување на законите и процедурите, претставува повреда на правото на глас и го урива дигнитетот на изборниот процес. Затоа, сите учесници во изборниот процес се повикани максимално да ги почитуваат демократските стандарди и законските регулативи и да придонесат кон слободни, фер и демократски избори.

ПРИЈАВУВАЊЕ НЕРЕГУЛАРНОСТИ ВО ЦИВИЛ

ЦИВИЛ јавно ја изразува својата благодарност за големиот број пораки од граѓанките и граѓаните од целата земја, со што ја искажуваат својата доверба и поддршка на организацијата.

Изборните нерегуларности како што се притисоци, поткуп, злоупотреби, проблеми со Избирачкиот список, кршење на изборниот молк, говор на омраза, односно сѐ што граѓанките и граѓаните сметаат дека не е во согласност со нивното сфаќање за слободни, фер и демократски избори, можат да го пријават во ЦИВИЛ.

Пријавите може да поднесуваат на веб страницата Слободни избори, по електронска пошта ([email protected]), во порака на Фејсбук или на телефоните 02 / 5209 176, 070 734 044.

ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ ДА ГО ПОЧИТУВААТ ИЗБОРНИОТ МОЛК

ЦИВИЛ бара од политичките партии и нивните функционери, членови и активисти да го почитуваат Изборниот законик, Уставот и законите на Република Северна Македонија, да го почитуваат изборниот молк и да ги сопрат евентуалните планови, ако такви постојат, за изборен поткуп, притисоци и манипулација на гласачите.

Секој обид да се наруши изборниот молк и кршењето на законите и стандардите поврзани со изборниот процес, мора веднаш да бидат сопрени и санкционирани. Не смее да има толеранција за каков и да е притисок, закана или корупција (купување гласови).

ИНСТИТУЦИИТЕ МОРА ДА ДЕЈСТВУВААТ

ЦИВИЛ ги охрабрува релевантните државни институции да ги искористат сите свои законски ингеренции до максимум и да спроведат законит, слободен, фер и демократски изборен процес. Тие не мораат да чекаат пријави, приговори и жалби, туку можат да дејствуваат, по допрен глас и според сопствени наоди и мислење. Јавноста тоа го очекува од нив.

ИЗБИРАЧКИТЕ ОДБОРИ МОРА ДА СЕ ПРИДРЖУВААТ КОН ЗАКОНИТЕ И ДЕМОКРАТСКИТЕ СТАНДАРДИ

Сите членови на избирачките одбори мора да ги почитуваат интегритетот и работата на набљудувачите и на новинарските екипи и под никакви услови да не ги попречуваат во нивната работа.

ЦИВИЛ бара од членовите на избирачките одбори строго да се придржуваат до процедурите и Изборниот законик, да бидат љубезни, професионални и достоинствени во спроведувањето на своите задачи на изборниот ден. Тие не смеат да не подлегнуваат на притисоци и коруптивно дејствување на одредени партиски структури. За секоја информација која им е потребна, треба да се јават на Општинската изборна комисија или на Државната изборна комисија. Секој обид за притисок врз нив треба да го пријават во полиција, но и ЦИВИЛ стои на располагање за пријавување на таквите случаи.

СЛОБОДНО ГЛАСАЊЕ

ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да гласаат слободно, според сопственото убедување. Никому не должат ништо. Сè што им ветуваат партиите и кандидатите на било кои избори, всушност, им припаѓа ним, според Уставот и законите на Република Северна Македонија.

ИЗБИРАЧКИ СПИСОК

Сите граѓанки и граѓани кои нема да се најдат на Избирачкиот список, можат тоа да го пријават во ЦИВИЛ. Доволно е да достават име, презиме и адреса на живеење.

ЦИВИЛ констатира дека, за жал, ДИК и другите институции не најдоа време и начин да го решат овој проблем, но важно е да сите недостатоци да бидат пријавени, за да се реши проблемот во најскоро време, еднаш засекогаш, веднаш по изборите.

НЕПРИСТРАСНИ И ПРОФЕСИОНАЛНИ МЕДИУМИ

Медиумите мораат да бидат непристрасни и професионални. Новинарките и новинарите во овој период имаат голема општествена одговорност. ЦИВИЛ ги охрабрува да бидат на висина на својата задача и да манифестираат максимална професионална и морална одговорност. За секој проблем со кој се соочуваат, ЦИВИЛ им стои на располагање.

This post is also available in: AlbanianEnglish