ЦИВИЛ: Ние сме Европа!

Денот на Европа е ден на мирот и единството меѓу сите граѓанки и граѓани, ден кога се слават човековите права и слободи, еднаквоста и мултикултурализмот. ЦИВИЛ им го честита Денот на Европа на сите граѓанки и граѓани на Северна Македонија и на Европа.

Овој ден е на Европа, на сите луѓе, држави, нации и заедници кои живеат на овој континент и на сите што го сонуваат европскиот сон.

Човековите права и слободи, демократијата, негувањето на мултикултурализмот преку еднаквост, правичната застапеност, инклузивноста, недискриминацијата и почитувањето на различностите меѓу луѓето и заедниците се основата на европските вредности.

Тимот и сите поддржувачи и членови на ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, искрено и посветено ги промовираат и ги застапуваат европските вредности во сите области на своето дејствување.

По повод Денот на Европа, 9 Мај, ЦИВИЛ подготви видео спот на Иницијативата „Направи промена: Почитувај ги различностите“. Спотот е кратка разгледница од активностите на тимот и на дел од јавните личности и граѓански активисти кои ја поддржуваат Иницијативата.

ЦИВИЛ го спроведува и проектот „Европски перспективи – следно ниво“ во кој се обединети огромен број активности на Организацијата за промоција на европските вредности, но и за борба против хибридните закани и информативниот неред. Со него, Организацијата дава конкретен придонес и поддршка кон европските перспективи на Северна Македонија.

Само заедно, со почитување на различностите, негувањето на мултикултурализмот и европските вредности, можеме да ги надминеме сите тешки предизвици пред кои се исправени европската и светската заедница.

Ние сме Европа!

Нека ни е честит Денот на Европа!

#НиеСмеЕвропа

ЦИВИЛ

This post is also available in: English