ЦИВИЛ ќе одржи јавна презентација на проектот „Граѓански објектив“ на плоштадот Магнолија, Широк Сокак, во четврток, 30 август, со почеток во 20 часот. Со проекција на фотографии, видео содржини и разговор со заинтересираните граѓанки и граѓани, тимот на ЦИВИЛ ќе се обиде да го приближи граѓанското новинарство до битолската јавност. Се разбира, ова ќе биде убава можност да се поразговара и на сите други теми, проекти и активности со кои се занимава ЦИВИЛ во овој период. ЦИВИЛ ги поканува и локалните медиуми и невладините организации на дружење на отворено.
Имајќи предвид дека голем број граѓанки и граѓани се интересираат за вклучување во овој проект на организацијата, како и во мониторингот на референдумскиот процес, ова ќе биде можност и лично да поразговараат со ЦИВИЛите за условите под кои може да станат дел од проектите и мониторингот на организацијата.
Преку овој проект, се артикулираат заложбите за транспарентни и одговорни политички процеси преку поддршка и популаризација на граѓанското новинарство, јакнење на јавната свест и активизам за човекови права, слобода на изразувањето, демократија и слободни избори. Проектот е финансиран од National Endowment for Democracy.