ЦИВИЛ го објавува трудот на д-р Александар Спасов посветен на изборите и изборните процеси

Почнувајќи од денеска, ЦИВИЛ ќе објави серија прилози посветени на изборите и изборните процеси. Прв таков прилог е анализата на д-р Александар Спасов, под наслов „Предвремените избори не се (секогаш) навремени избори“ во четири продолженија.

Трудот на д-р Спасов е составен од четири делови во кои тој ги анализира општествено политичките состојби и процеси во земјата, кои доведоа до тоа исклучокот да стане правило. Понатаму, тој ги анализира причините како дојде до одржување предвремени парламентарни избори повеќе пати од 2008 година до денес. Во трудот се анализираат политичките и правните последици од одржувањето на предвремени избори, за на крајот, наместо заклучок, да напише и едно кратко заглавие под наслов „Правилото да биде правило, исклучокот да остане исклучок“.

И со овој труд, ЦИВИЛ го нуди својот придонес кон подобрување на состојбите и процесите поврзани со изборите и изборните процеси. Трудот има научно-стручна димензија, но е разбирлив и достапен на пошироката публика. Редакцијата го препорачува за читање на сите заинтересирани да дознаат повеќе за суштината на процесите и настаните поврзани до демократските и изборните процеси во Северна Македонија. Особено е препорачлив за политичките и стручните кругови, како и за граѓанските организации.

Трудот на д-р Спасов ќе биде објавен и во форма на публикација во електронска и печатена форма што ќе биде достапна бесплатно, по завршувањето на овој серијал.

ЦИВИЛ Тим за комуникации