ЦИВИЛ најостро ги осудува говорот на омразата, делата од омраза и насилството кои произлегуваат од неспособноста или неподготвеноста да се дебатира со аргументи во јавноста. Без оглед на „страната“ од која доаѓаат деструктивните појави во општеството и на политичката сцена, без оглед на тоа дали се работи за политички, етнички или верски мотивирани инциденти, тие не може и не смее да се оправдаат и премолчат.
ЦИВИЛ, кој и самиот е мета на долгогодишни и секојдневни напади со лаги, клевети, говор на омраза и закани по животот на неговите претставници и активисти, секогаш и без исклучок ги осудува иницијаторите, нарачателите и извршителите на овие дела.
И во случајот со Љупчо Палевски кој, според информациите во јавноста, е нападнат и претепан пред својот дом, ЦИВИЛ ја изразува својата загриженост и осуда, и бара од институциите да ги откријат и санкционираат сторителите на овој насилнички акт.
Насилството и говорот на омразата никогаш, под никакви услови, не се соодветен одговор за ништо. Ставовите се бранат со факти, не со насилство!
ЦИВИЛ Тим за комуникации