ЦИВИЛ е секогаш во одбрана на човековите права и бескомпромисно се бори против корупцијата, говорот на омразата и лажните вести

Медиумската платформа на ЦИВИЛ во целост, веќе долги години ја нуди можноста за граѓанките и граѓаните да се вклучат во мониторингот и известувањето на проблемите во повеќе области. Така, веб страницата ГРАЃАНСКИ ОБЈЕКТИВ е дел од медиумскиот простор каде што може да се пријават случаи во четири области:

КРШЕЊЕ НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА

КОРУПЦИЈА

ГОВОР НА ОМРАЗА

ЛАЖНИ ВЕСТИ

Освен овој начин на пријавување и комуникација со организацијата, секој може да се јави или да дојде во ЦИВИЛ, во секое време. Тимовите на ЦИВИЛ и долгорочните набљудувачи на состојбите на човековите права низ целата земја, секогаш се на располагање на граѓанките и граѓаните.

ЦИВИЛ е целосно отворена организација што е секогаш подготвена да излезе во одбрана на човековите права и бескомпромисно се бори против корупцијата, говорот на омразата и лажните вести.

Медиумската платформа на ЦИВИЛ обединува девет веб портали од кои поголемиот дел се тројазични (македонски, албански и англиски). Тоа се видливи, читливи и споделувани веб страници, каде што читателките и читателите знаат дека ќе прочитаат корисни информации, неоптоварени со комерцијалната трка по кликови.

Медиумската платформа на ЦИВИЛ е вистинска онлајн библиотека со извештаи, едукативни содржини и длабоки анализи што произлегуваат од сознанија директно од теренот. Тоа е простор каде што Редакцијата објавува нецензурирани содржини и различни, понекогаш сосема спротивни ставови. И најважно од сѐ, тоа е простор за сите граѓанки и граѓани, без оглед на припадноста или определбите.

Добро е секогаш да се има на ум дека медиумската платформа на ЦИВИЛ беше создадена во 2009 година, време на медиумски мрак и структурно насилство во земјата. Тоа и денес е простор за критика, учење и навремено информирање.

Во името на Редакцијата и во името на ЦИВИЛ, организацијата за човекови права и слободи што ја формиравме во 1999 година, сакам да ја искажам мојата искрена и длабока благодарност за поддршката, критиките и довербата од сите вас.

Џабир Дерала
Претседател на ЦИВИЛ и Главен уредник на ЦИВИЛ Медиа

This post is also available in: AlbanianEnglish