Талеска: Неопходна е финансиска независност за новинарите

МОНИКА ТАЛЕСКА, новинарка

Новинарството е еден од најтешките, најризични занаети. Само освестен, совесен човек со високи морални вредности, којшто одолева на притисоците, може да ја извршува одговорно новинарската професија, во овие времиња.

Во актуелниот миг во нашата земја, медиумите ги претставуваат извонредни професионалци – репрезенти на истражувачкото новинарство. Со нив јавноста добива објективна слика за реалноста. Тие се дежурни борци против криминалот, корупијата, нефункционирањето на законот, изборните измами, посветени разобличувачи на спинувани содржини кои се опасност за фокусираните демократски текови во општеството.

Од другата страна на медиумскиот фронт стојат самонаречените „новинари“ –  алатки на одделни структури во општеството, кои жестоката борба за слобода на медиумите, слободно ја трампаат со егзистенцијата, но и за високи финансиски бенефити, за што имавме еклатантни примери последнава деценија. Тие учествуваат во креирање и лиферување на спинови и дезинформации, со една цел – искривена слика за реалноста.

Затоа, ако не сакаме јавното мислење да се базира на спинови и сензации, за кои се бројат само лајкови, а ние општество на пасивни медиумски реципиенти на инстант „вести“ и пораки, медиумите да бидат во рацете на медиумските професионалци. Неопходна е финансиска независност за новинарите, гарантирана и пристојна плата со придонеси, и бенефициран стаж за неуморните деноноќни трки во битките, објективната информација да стигне до граѓанинот.

На Светскиот ден на медиумските слобода, почит и вечна слава за сите жртви на новинарското перо ширум светот! Силна поддршка за медиумските професионалци! Останете на патот!


По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, сите содржини објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ на овој ден се достапни за објавување според лиценцата Creative Commons 4.0.