Преполнети контејнери и ќеси комунален отпад расфрлани наоколу, веќе трета недела, се главната слика на улиците во Свети Николе. Замрзнати се улиците, замрзнати се и купиштата ќеси со отпадоци пред секој двор и до секој контејнер, насекаде низ во градот. Најверојано, замрзнати се камионот и тракторот на локалното претпријатие кои го собираат ѓубрето од целиот град! Вака ја опишува состојбата во Свети Николе, граѓанската новинарка Николетка Панева.
„Ваквите глетки може да се видат почесто, јавува граѓанската новинарка која пишува дека Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ има три возила за собирање на комуналниот отпад, кои треба да ротираат два пати неделно. Но, еве веќе трета недела, улиците и влезовите се претворени во градска депонија. Минатиот месец, тракторот имаше „среќа“, ако не да се испере и да ги исчисти улиците, барем да се исчисти за дистрибуирање на храната во центарот на градот, за празникот на градот - Свети Никола. Ако едно физичко лице, месечно плаќа по три денари од метар квадратен за станбен простор и 0,3 денари за метар квадратен дворно место, ЈКП месечно има прилив од над 2 милиона денари пари од граѓаните. За која услуга плаќаме ние? За ѓубрето да ги украсува ли дворовите и тротоарите, а кучињата, мачките и ветрот, да го разнесуваат насекаде? Ги знае ли ЈКП своите надлежности за кои е и формирано или само да ги ограбува граѓаните“, пишува граѓанската новинарка.
Само вработениот во ЈКП кој ги разнесува сметките до граѓаните да си го подмират долгот, изгледа не е замрзнат. Ги разнесува насекаде навремено, во првите денови на месецот. Камо среќа така експресно и вешто да го собираа и разнесуваа и отпадот. „Експресно“ реагираат само граѓаните, кои навремено ги подмируваат долговите, главно молчејќи и трпејќи ја реата.