Срушената ограда околу џамијата стара 4 века, нема да гo наруши соживотот на граѓаните во с. Виничани

Во село Виничани, општина Градско се наоѓа стара џамија изградена пред 4 века, која е во целосно распаѓање, бидејќи никој не се грижи за тој објект. Деновиве со помош на донација, од ИВЗ беше поставена ограда околу објектот, со цел да се заштити од узурпација и целосно уништување. Меѓутоа во вечерните часови непознати лица ја искршиле оградата, што предизвика гнев и револт кај муслиманското население.

Бајро Ашкериќ, жител на с. Виничани во разговор за ЦИВИЛ вели дека се срами од постапката на тие што ја срушиле оградата и бара надлежните да ги најдат сторителите. Тој ги повика сите, особено Македонците (христијаните) да го осудат овој чин, за да упатат заедничка порака дека во с. Виничани нема простор за омраза и поделби.

„И да не ги казнат, сепак нека ги најдат, да знаеме кои се тие што им смета оградата и кој сака да направи раздор. Овој немил настан нема да нè скара со нашите комшии, пријатели, иако некој се обидува тоа да го направи, мислам дека тука е вмешана и политиката, ги буцка работите и седи од страна гледа сеир, да направи раздор, но повторувам нема да дозволиме да нè скараат и да го срушат соживотот во с. Виничани“, вели Ашкериќ.

Градоначалникот на Општина Градско, Робер Бешевски, за ЦИВИЛ вели дека понекогаш работите непотребно излегуваат од конторола, и за жал тоа се случи и во с. Виничани, општина Градско каде што непознати сторители ја искршиле оградата која беше поставена околу селската џамија од ИВЗ.

„Џамијата во Виничани е изградена пред повеќе од 400 години. Го осудувам овој чин и ги повикувам надлежните институции да го расчистат овој случај и им се извинам на граѓаните од исламска вероисповед за овој немил настан“, вели Бешовски за ЦИВИЛ.

Роберт Бешовски, градоначалник на општина Градско

Градоначалникот вели дека дел од граѓаните во селото се противат да се огради џамијата, бидејќи велат дека тој објект во минатото било училиште. Но, тој додава, ИВЗ поседуваат Имотен лист и документација и имаат целосно право да го оградат приватниот имот.

„Очигледно на опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ) им смета оваа хармонија и сакаат да ја искористат за ниски политички цели. Сега немаат за што да се фатат, реализирани се сите проекти, ја одблокиравме сметката на Општината која беше блокирана 12-13 години, успешни сме на сите полиња и овој настан го користат да ме нападнат мене и мојот авторитет се со цел да добијат некој политички поен. Сакаат да ги раскараат жителите, да ги поделат и да ја обвинат Општината за полесно да дојдат на власт на престојните избори, но, нема да им успее. Граѓаните на општина Градско се чесни. Оваа наместена игра од страна, јас нема да дозволам да прерасне во меѓуетнички конфликт. Ќе се покренат сите институции и ќе се најде виновникот за овој скандал и за овој обид на рушење на единството. Таа џамија е значајна не само за верниците од муслиманската вероисповед, таа е културно исторски споменик стар четири века со кој се гордееме и кој го чуваме. Тој што се дрзнал да ја сруши оградата на приватен имот на кој сопствениците имаат легални документи ќе одговара пред институциите“, истакна градоначалникот Бешовски.

Бешовски додаде дека ќе оствари средба со претставници на ИВЗ, челнови од месната заедница на с. Виничани за да се најде решение за овој проблем.

 

с. Виничани, општина Градско

Виничани е мало рурално место со околу 600 жители според последниот попис од 2002, меѓутоа не се знае точниот број на жители, бидејќи голем дел се отселени или заминати во странство. Во селото Виничани денес живеат мнозинство Македонци од православна христијанска вероисповед кои во најголемиот дел се доселени на местото на иселеното муслиманско (турско) население во 1956/57 година од источна и североисточна Македонија од Кочанско, Виничко, околината на Македонска Каменица, Кривопаланечко претежно од Цера, Пресека, Грљани и други села.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година во село Виничани имало 650 жители, сите Турци. Според пописот од 2002 година, селото Виничани броело 569 жители, од кои: Македонци 487 (85,6 %), Турци 22, Срби 1 и Бошњаци 58 лица.

Во селото има црква „Св. Илија“ која е изградена во 2007 година. Муслиманите од Виничани за да ги извршат своите религиозни обреди одат по 5 километри во џамија во соседното село Водоврати. Во општина Градско според пописот од 2002 година, има 3.760 жители и 16 села.

Дехран Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети