Спортската сала „Војвода Ѓорѓи Стојанов“ во Крушево е во очајна состојба. На фотографиите испратени од Сотир Габелоски, граѓански новинар од Крушево, се гледа спортската сала која до неодамна беше сала за тренинг и одржување на натпревари на одбојкарскиот клуб Синалко, оставена без брави на вратите со искршени прозорци.
Според дел од жителите на Крушево салата е „отворена“ подолго време, а спортската опрема е лесно достапна.
Овие фотографии се направени околу 1 часот по полноќ и на нив се забележува како деца слободно си влегле, го вклучиле осветлувањето, си се послужиле со неколку баскет топки и ја користат спортската сала оставена на милост и немилост.
Спортската сала е под надлежност на општина Крушево, но непознато е зошто салата е оставена да се уништува.
Оваа спортска сала своевремено беше домаќин на балканското јуниорско првенство во одбојка, како и на повеќе државни натпревари во пинг понг.