Семејството Свеќанцоски од Прилеп, итно бара помош од државата

Четиричленото семејство Свеќанцоски живее во исклучително тешки услови под кирија, затоа што домот во т.н. „бугарски бараки“ во Прилеп, им изгоре минатата година. На Горан Свеќанцоски (45) и неговата сопруга Мирјана (35), двајцата телесни инвалиди, им било ветено дека ќе им биде доделен еден од 73-те социјални станови што Министерството за транспорт и врски ги намени за социјално загрозени лица, на семејства на телесни инвалиди, на деца без родителска грижа и заштита... Становите се распределени, граѓан(к)ите кои ги добиле решенијата - се вселени, а Свеќанцоски не добиваат ниту одговор, зошто не се на листата!

12140835_860489990685424_6436009949808866389_n

Свеќанцоски му се пожалија и на граѓанскиот новинар од Прилеп, кој посака да остане анонимен. Тие имаат и две малолетни деца, Кристина (17) и Иле (13), за коишто не можат да обезбедат пари за непречено школување. „Главата“ на семејството, таткото Горан е вознемирен и крајно револтиран, затоа што вели дека за него и за сопругата, во градот се шират гласишта дека тој е член те на едната, те на другата партија.

„Не сум член ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ, јас сум човек кој речиси цел живот е инвалид и барам помош од сите, од државата, од Центарот за социјална работа, од Министерството за транспорт и врски од секого што ќе ни помогне... Како сиромашни и немоќни да заработиме, добивме пред многу години социјална барака, која потоа некој ја опожари, а полицијата не ни информираше и не го откри сторителот, па сега, речиси аме на улица. Како да живееме, кога целата покуќнина ни изгоре, ништо не остана? Децата ни облека немаат, зарем не е доволно што цел живот сме се мачеле и прашувам кому, ако не нам, ќе му дадат стан“, прашува револтирано Горан.

Тој тврди дека се обратил до институциите и до локалната власт и до градоначалникот Марјан Ристески, но одговор нема добиено.

„Доаѓа зима како ќе живееме, како ќе презимиме? Документите за стан ги доставив директно до Владата, по препорака на директорката Снежана Јованоска од Центарот за социјална работа во Прилеп. Решение не добив, никакво, само ми рекоа да ми дадат стан на петти спрат или стан во Ропотово... Ова е несфатливо, јас сум инвалид со количка, како да се движам... Искрено мислам дека некој си игра со нашите судбини“, вели резигнирано Свеќанцоски.

Семејството само за кирија месечно плаќа 5.000 денари, неговиот додаток е 4.000 денари, а сопругата која е вработена како инвалидизирано лице,  со сите додатоци за децата, добива вкупно 12.000 денари. За самите да купат стан, немаат пари.

По прилогот од граѓанскиот новинар, ЦИВИЛ Медиа се обрати до Центарот за социјална работа од Прилеп. Оттаму, директорката Снежана Јованоска, вети одговор во текот на денот.


Оваа содржина се објавува во рамките на септемврискиот civiv-lenses-logo-en-copy-500x414 циклус од натпреварот „Биди граѓански новинар“ на проектот Граѓански објективна ЦИВИЛ, поддржан од National Endowment for Democracy. Содржината на овој прилог е минимално редактирана од редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, соодветно на концепцијата на проектот и на веб страницата.