Поминаа точно 240 дена откако Светската здравствена организација прогласи пандемија од коронавирус. Во изминатиов период солидарноста и помоштта од ЕУ, НАТО, Норвешка, Германија, Турција, Австрија, Кина, САД и други држави одиграа значајна улога за нашата држава да може полесно да се справи со Ковид-19.
НАТО донираше помош од 1,4 милиони евра, а помошта за Северна Македонија во справувањето со пандемијата од Ковид-19, ја најави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Германската амбасадорка во Северна Македонија, Анке Холштајн потпиша договори за донации на четири болници во земјата во вредност од над 150 илјади евра.
Амбасадорката на САД, Н.Е. Кејт Мари Брнз, предаде донација во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од Соединетите Американски Држави, преку Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ).Донацијата со вредност од 35.000 американски долари е наменета како поддршка за намалување на ширењето на КОВИД-19. Амбасадорката на САД донираше и на МВР.
Од почетокот на пандемијата со корона вирусот, ЕУ обезбеди итна медицинска помош за Северна Македонија во вредност од четири милиони евра, во која беа вклучени и многу потребните респиратори. Исто така ЕУ обезбеди 160 милиони евра макрофинансиска помош во форма на долгорочни заеми со поволни стапки. Првата транша од 80 милиони евра беше исплатена во почетокот на овој месец. Претходно, ЕУ обезбеди 3 милиони евра директна буџетска поддршка за секторот труд и образование. Значителна помош за компаниите и пазарот на трудот (49 милиони евра во форма на грантови и бескаматни заеми) ќе биде достапна до крајот на месецот.
Кинескиот Амбасадор во Македонија, Џанг Ѕуо донираше 310 таблети наменети за учениците кои немаат средства за да ја следат наставата он лајн. Таблетите ѝ беа донирани на Општина Гази Баба. Меѓутоа, во текот на изминатиов период од Кина пристигна и друг вид на помош.
Турција и достави на Северна Македонија помош во медицински материјали за справување со коронавирусот. Турската агенција за соработка и координација – ТИКА донираше помош за детските градинки и основните училишта во Северна Македонија.
Во печетокот на пандемијата, во време кога имавме техничка влада, 4 домашни компании: ,,Мега Куманово „Голден Арт“, „Акустик“ ДОО и „Греемак“ донираа 85 респиратори и 25 кислородни концентратори.
Бугарски дипломати донираа медицинска опрема за Битолската болница.
Ова се само дел од чекорите за ублажување на социо-економската криза која неминовно ја зафати и нашата земја. Нашиот главен град своевремено беше прогласен за град на солидарноста. Да се погрижиме да ја зачуваме барем таа репутација! Време е за солидарност, не за партиски препукувања!
текст и монтажа: Дехран Муратов
This post is also available in: Albanian