Започна официјалната кампања за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 15 јули. Веднаш по полноќ по само неколку минути откако започна изборната кампања социјалните мрежи се преплавија со изборен пропаганден материјал. Во првите спотови на политичките партии се забележува дека едните водат кампања за европски вредности и иднина, додека другите се занимаваат со делата на власта предводена од СДСМ. Тема на ова издание на СКЕН е изборен видео двобој, односно дали на овие избори ќе гледаме кон иднината или ќе се враќаме во минатото.
Првите спотови на коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ се посветени на иднината на младите, пензионерите и работниците. Во еден од спотовите прашуваат „Во каква земја сакаме да живееме“?, правејќи паралела со претходната власт предводена од Никола Груевски, кој е во бегство, и власта предводена од Зоран Заев.
„Младинската невработеност ја намаливме за повеќе од 13%, воведовме и младински додаток на плата за вработување на младите во производство. Продолжуваме со реформи во образованието, за младите да стекнат практично знаење и искуство и истото да го применат во македонската економија.
Покажавме дека може да имаме земја каде што никој не е заборавен. Од земја каде што пензионерите и работниците беа понижени, станавме земја со решени проблеми на стечајците, земја со намалени трошоци за струја, земја која во најголемата криза се грижи за најранливите“, велат од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ започна со кампања со контраверзен спот кадешто граѓаните се со свиткани рбети. Пораката на спотот е дека дојде време граѓаните да се исправат и да ги исправат неправдите. Додека во друго видео, ВМРО-ДПМНЕ пробуваат да бидат вицкасти и преку сарказам се обидуваат да ги престават (не)успесите на власта.
Дафина Стојаноска носител на листата на коалицијата „Обнова на Македонија“ во ИЕ 6, во видео спотот на ВМРО-ДПМНЕ вели „соживотот треба да се практицира, а не само да се пропагира“. Но, дали навистина (ќе) практицира соживот кога кампањата ја започна со утринска молитва во црквата “Свети Кирил и Методиј” во Тетово, а потоа објави и видео од самонаречените Комити во Велес пеејќи ја патриотската песна „Излези Гурѓо да ги видиш Комитите“…
По објавување на спотот на ВМРО-ДПМНЕ под слоганот „Исправи се Македонијо“, веднаш се појавија неколку пародии на социјалните мрежи.
Но, покрај пародиите, Здружението „Хендикеп плус” реагираше на предизборниот спот на ВМРО-ДПМНЕ под слоганот „Исправи се Македонијо“, посочувајќи дека дел од интерпретациите на содржината на спотот оставаат можност лицата со попреченост да бидат прикажани во понижувачки контекст, во деградирачка и навредлива позиција наспроти сите другите.
По реакцијата на Здружението „Хендикеп плус“ на Твитер се објави твит кој гласи: „А дали е во ред СДС да ангажира лица со попреченост на штандови да делат флаери? Во најмала рака не е хумано, ама таква е партијата гнасна комунистичка, само за фотеља“!
На ова реагираше активистот Зоран Кардула и на својот Фејсбук профил напиша: „Втор ден кампања за избори и на ВМРО им излегува целата таа злоба, деструктивност и дискриминација на која се научени. Според нив како една супериорна криминална раса, лицата со попреченост треба да ги затвориме дома и не треба да ги покажуваме и мешаме меѓу народ. Лицата со попреченост се рамноправни граѓани во оваа држава и секој ваков чин треба да се осуди. Тоа е зло“.
ЦИВИЛ најостро реагира на ваквите предизборни спотови кои се истовремено понижувачки за луѓето, а особено за лицата со попреченост и за жените. Ваквите спотови можеби не испраќаат директна порака, меѓутоа во најмала рака поттикнуваат создавање на предрасуди и говор на омразата.
ЦИВИЛ упатува апел до сите чинители во изборниот процес во иднина да внимаваат какви пораки испраќаат со нивните предизборни пропагандни и медиумски продукти. Навреди, понижување, дискриминација, сексизам се крајно неприфатливи начини на политички натпревар!
Уште пред да започне предизборната кампања ЦИВИЛ побара од политичките партии кампањите да ги водат фер, демократски и безбедно, да се однесуваат одговорно кон јавноста и кон законите и демократските стандарди. Од ЦИВИЛ потенцираат дека од политичките партии се очекува црната пропаганда да ја заменат со позитивни пораки и со идеи кои произлегуваат од нивните програми, за граѓаните да можат да имаат јасна слика за политичката понуда, по што ќе донесат информиран избор на денот на гласањето.
Партијата на Али Ахмети го претстави својот кандидат за премиер. За челната позиција во новата влада, ДУИ го номинира нотарот Насер Зибери. Тој беше пратеник од редовите на Партијата за демократски просперитет (ПДП) во три мандати, а од 1996 до 1998 беше министер за труд и социјална политика и потпретседател на владата предводена од Бранко Црвенковски. Зибери во своето обраќање им порача на Заев и Мицкоски дека не се газди и сопственици на оваа земја. Тој на својата промоција во Преспа кажа дека ја прифатил понудата без да се двоуми.
„Зоран Заев и Христијан Мицкоски! Вие не можете да го негирате правото на Албанците да имаат премиер Албанец, вие не сте газди и сопственици на оваа земја“, е пораката на Зибери.
Претседателот на народната партија на Ромите, Геге Демировски кампањата ја започна сам од Прилеп. Преку селфи видео на Фејсбук истакнал дека Ромите на овие избори ќе гласаат за него, односно за единствената ромска политичка партија која самостојно настапува на овие избори и најави дека нема да дозволи ромските гласови да одат за македонски партии. Во видеото и фотографиите што ги објави на неговиот Фејсбук статус, има и малолетни лица.
На овие избори се навестува дека социјалните мрежи ќе бидат бојното поле на политичките партии каде што ќе се борат да добијат глас повеќе.
Дехран Муратов
камера и монтажа: Ариан Мехмети