Секојдневно сме „бомбардирани“ од дезинформации, лажни вести или полувистини. Лажните вести буквално доаѓаат од секој сегмент и ги шири кој ќе стигне. Тоа го вклучува алармот да се делува веднаш, преку медиумска писменост која ќе се инкорпорира во наставниот процес од најрана возраст.
„Кран доаѓа од Бугарија за да го дислоцира споменикот на Александар Македонски од плоштад во Скопје“ – лага, „Илјадници мигранти ќе дојдат во Македонија и ќе се отворат десетици кампови“ – лага, „Ракометарите на РК Вардар не ја примија наградата од Владата поради придавката Северна“ – лага… Ова се само дел од лажните вести кои преовладуваа во изминатиот период. Како и на кој начин влијаат на граѓан(к)ите и како да се препознаат лажните вести е тема на денешната епизода на СКЕН.
Посебниот советник во Владата, Марјан Забрчанец, вели дека во времето на владеењето на Никола Груевски, тој и други активисти беа на мета на напади и лажни вести и дезинформации. Тој додава дека лажните вести може да предизвикаат нереди и конфликти. Забрчанец нагласи дека медиумската писменост ќе стане дел од образовниот процес.
Министерот Роберт Поповски, истакна дека младите најчесто се информираат од интернет порталите и се мета на лажни вести и дезинформации. Тој нагласи дека во времето на режимот на Груевски, порталите и социјалните мрежи беа единствените информатори за тоа што се случува во државата.
Медиумскиот експерт, Петрит Сарачини, вели дека професионалните медиуми имаат сериозна закана од непрофесионалните медиуми. Тој додава дека порталите кои имаат само еден вработен дневно може да продуцираат по стотина содржини и да шират лажни вести и дезинформации.
Граѓан(к)ите постојано пријавуваат лажни вести на медиумската платформа на ЦИВИЛ на сајтот https://clp.mk.
Дехран Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Владимир Перчуклиевски
This post is also available in: English