Повикот на ЦИВИЛ до своите членови, поддржувачи, соработници и сите заинтересирани граѓанки и граѓани да учествуваат во новата акција: Граѓански форум за учество во креирање на владините политики допре до голем број граѓанки и граѓани, активисти и поддржувачи на организацијата. На нашите електронски адреси веќе пристигнаа голем број пораки со артикулирани барања до идната влада, коишто се објавуваат на медиумската платформа на ЦИВИЛ.
На повикот се одзва и граѓанската активистка и соработничка на ЦИВИЛ, Симона Манева Живкова, којашто своите барања до новата влада ги артикулира во написот што ни го испрати.
– Да развијат вистинска политичка дебата чија крајна цел би била во однос на правата, доброто и интересите на граѓаните, а не лични препукувања и очајни реторики кои се рефлектираат со поделба, омраза и препукувања и меѓу самите граѓани.
Да престане праксата на водење инает и да не се кочат едни со други, особено кога се работи за прописи во областа на социјалната правда, конечно да покажат зрелост и единство кога станува збор за таквите политики. Затоа што, ние граѓаните гласавме и заслужуваме политичари во законодавниот дом кои ќе носат закони во корист на граѓаните.
Да се донесе веднаш новиот закон за работни односи кој ќе ги штити правата на работниците.
Со законски прописи да си ги укинат сите привилегии, а патните трошоци и храната да им влезат во бруто платата како на секој работник во нашата држава. Поточно, пратеникот да работи за плата доволна за да си ги покрие тие трошоци.
Пратениците задолжително да бидат во постојана комуникација со граѓаните и да не се заборави дека тие ги претставуваат граѓаните, и дека својот мандат треба да го потрошат на тоа, а не за лични интереси и лично богатење.