„Изборна кампања е јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми во предизборниот период за одреден вид на избори“, стои во појмовникот во член 2 на Изборниот законик. Понатаму, во член 69-а, Законикот подетално ја дефинира кампањата како:
„Јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми“.
Кампањата, според законот, почнува 20 дена пред првиот круг на гласањето, што за претседателските избори значи – од 1 април. Понатаму, во казнениот дел, законот предвидува глоби за најразлични прекршувања на одредбите за кампањата.
Тогаш, зошто тројцата претседателски кандидати – Гордана Силјановска Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река веќе одамна ги почнаа и секојдневно ги водат своите кампањи?
Па, затоа што, според истиот закон, ова сеуште не се кампањи.
Клучниот збор во дефинициите на кампањата е претставување на „потврдените“ кандидати. А, нашите тројца учесници во кампања имаат рок до 21 март да ја потврдат својата кандидатура во Државната изборна комисија. Дотогаш, како што и самата ДИК признава, но веројатно и до формалниот почеток на предизборната кампања, нивните кампањи се „партиски средби“.
Игор К. Илиевски