Национализам во Македонија никогаш не недостасува, за жал, секогаш (ќе) го има во огромни количини. Во изминатите години национализмот јавно се манифестираше и многу лесно се препознаваше. Денес, времињата и методите малку се сменија, (освен неколку изолирани случаи кои сè уште јавно пропагираат национализам), сега национализмот убаво и смислено се пакува и им се (про)дава на граѓаните.
Еден од примерите е статусот на Јована Мојасоска од Левица која „загрижена за Албанците“ пишува: „Во Велешта пред 15 години имаше 8 паралелки во прво одделение. Сега има одвај една. ДУИ е на власт 18 години и додека манипулира дека ги претставува Албанците, народот заминува за држави каде нема албански премиер, ниту зборуваат на албански јазик“.
Овој статус би бил сосема коректен ако продолжеше дека и во многу општини со претежно македонско население, бројот на ученици се намалува и луѓето се отселуваат од државата (или од помали рурални средини се преселуваат во град), не поради тоа што се смени името на државата, туку дека бараат подобра егзистенција и подобар живот!
За време на политичката кампања лидерот на Левица нагласи дека „димна бомба“ ќе фрлеше во парламентот ако беше пратеник во Собранието додека се менуваше името. Но, не слушнавме сега кога веќе станал пратеник дека ќе фрлел „димна бомба“ ако не се донесе некој закон со кој ќе се овозможи подобар животен стандард на работниците, на социјалците, на учениците…
Сушнавме и дека оџите на Бит Пазар и Чаир му сметаат и дека има „исламски вахабизам“ во државата (што и да му значи тоа)… И одеднаш, по изборите кога е во тек формирање на Влада, токму тие чии усти беа полни со УЧК-и, терористи, муџахедини, сега се „загрижени за Албанците кои поради ДУИ се отселуваат од државата“.
Не само Албанците, туки и Македонците, Србите, Ромите, Турците, Бошњаците, Власите, Египќаните… сите заминуваат во места каде што нема да им е битно дали државата на пример ќе ја нарекуваат Германија, Немачка, Дојчланд… или на каков јазик зборуваат, и дали униформите на полицијата или парите се двојазични, туку битно им е да имаат пари во џеб, храна во фрижидерот, да имаат сигурност и да се чувствуваат безбедни и сигурни, каде нема да стравуваат дали некои националисти ќе им ги претепаат децата на улица.
Дехран Муратов