Семинар за паметни и храбри

Граѓанските новинарки и новинари се носители на новинарството кое известува без страв и без услуги. Тие што сакаат да дознаат како паметните и храбрите можат да бидат успешни и видливи, треба да се пријават на вториот Регионален семинар за граѓанско новинарство кој го организира ЦИВИЛ – Центар за слобода. Семинарот ќе се одржи во хотел Гардениа, Велес, на 24 и 25 декември 2016 (сабота и недела) и ќе започне в сабота, во 11 часот, а ќе заврши в недела, во 18 часот.

we-are-the-media-c

Ние сме медиумите! - еден од слоганите на граѓанските новинарки и новинари ширум светот

Право на учество на семинарот имаат сите полнолетни граѓанки и граѓани од општините Велес, Чашка, Градско, Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Лозово и Демир Капија. Обезбедени се и две места за учесници од Скопје. Овој повик е дел од проектот „Граѓански објектив“ и е втор во новата серија семинари за обука на граѓански новинарки и новинари низ целата земја.

Пријавете се онлајн или на [email protected], со кратка биографија и мотивациско писмо (максимум по 10 реда) во кои заинтересираните накратко ќе ги опишат своите вештини и ќе изразат подготвеност за учество на семинарот.

Трошоците за сместување и транспорт (за учесниците/учесничките од подалечните општини) ќе бидат покриени од ЦИВИЛ. За повеќе информации, јавете се на 02 / 520 91 76 или напишете порака на [email protected]. За да останете во допир со содржините поврзани со проектот „Граѓански објектив“, лајкнете ја Фејсбук страницата Граѓански новинари на Македонија.

„Граѓански објектив“ е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа за долгорочно изборно набљудување. Овој проект веќе втора година придонесува кон развој на граѓанското новинарство во земјата.

Основна цел на проектот „Граѓански објектив“ е да се придонесе кон транспарентни и одговорни политички процеси, да се зајакне јавната свест политиките и практиките поврзани со човековите права, гласачкото право и политичките процеси и да се алармира домашната и меѓународната јавност за измамничките практики во изборните процеси и воопшто.

Намената на проектот е да се идентификуваат и обелоденат случаите на кршење на гласачкото право преку интерактивна и динамична активност, која ќе ги вклучи активистите за човекови права, медиумите и општата публика, со прибирање фотографски, видео, аудио и пишан материјал, што ќе послужи како основа за понатамошно набљудување, анализа и известување за изборниот процес.

ЦИВИЛ ја објави публикацијата „Ние сме медиумите!“ која е одличен ресурс за активните граѓанки и граѓани заинтересирани за граѓанското новинарство.

Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.