Сарачини: Со брзи и навремени информации ќе се спречи протокот на дезинформации

Петрит Сарачини на панел дискусијата на ЦИВИЛ, „Пандемија и инфодемија“ која се одржа на 1 декември, истакна дека одредени истражувања од САД покажуваат дека граѓаните повеќе се информираат од социјалните мрежи, отколку од комерцијалните медиуми, и истото се случува насекаде во светот, па и кај нас. Тој додаде дека социјалните мрежи најчесто се „тезгата“ каде се сервираат лажните информации.

„Во април и мај се случуваше секојдневно да имаме по 2-3 дезинформации, не како еден производ туку оркестрирано споделување на лажни вести и дезинформации. Имавме над 100 примери во екот на пандемијата, кога имавме рестирктивни мерки, кога сите беа дома, ги следеа овие информации и беа жртви на истите, не ги козумираат само, често и постапуваат“, додаде Сарачини.

Тој посочи дека во легислативата кога зборуваме за клевета и навреда, говор на омраза, јасно е до каде оди слободата и кои се ограничувањата.

„И кога определува некој суд или орган дали е нешто нарушување, прво тргнува од намерата, да се доведе јавноста до заблуда. Доколку има, тоа треба да се квалификува како некакво дело.

Традиционалните медиуми сакаа регулација на онлајн медиумите, имавме телевизии и весници кои одбиваа да отвораат онлајн страници“, истакна Сарачини.

Тој нагласи дека за да се спречи протекот на дезинформации треба брзо да има информации од релевантните институции.

Сарачини додаде дека малку медиуми се бават со разобличување на дезинформациите, и дека битката со лажните вести ќе биде подобра и поефикасна ако во тоа се вклучат и традиционалните медиуми.

Тој додаде дека еснафските медиумски здруженија не покренаа дебата за стратешкиот план на Владата за борба против лажните вести и дезинформации.

Д.М.
камера: Атанас Петровски