Говорот на омраза функционира оркестрирано, баш како во Орвеловата „1984“ – некој ако го стисне копчето „сега ги мразиме овие“, тоа се случува. Буквално како кај Орвел, рече Петрит Сарачини, активист, новинар и експерт за медиуми, на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Говорот на омраза: состојби и решенија“.
„Тоа можам да го забележам деновиве во односот на партиските војски кај албанските партии, со промена на коалициите. За еден миг имате луѓе кои до вчера се фалеле меѓу себе, а сега се плукаат. Тоа ви кажува дека тоа не е состојба во која човекот рационално размислува што пишува, туку само пренесува некој наратив. Мислам дека тоа е полусвесна состојба“, вели Сарачини.
Тој смета дека говорот на омраза е реакција поттикната од „структури блиски до партиите, до криминални групи, кои го притискаат копчето за страв“, а за тоа ги користат предубедувањата кои знаат дека ги имаме поради опкружувањето во кое живееме, поради степенот на образование...
„Говорот на омраза е само стравот кој што излегува од еден уплашен човек.“, смета Сарачини.
Тој оценува дека неказнивоста е клучна за опстојувањето на говорот на омраза.
„Имаме законодавство, во Кривичниот законик имаме неколку членови кои го санкционираат, но што имаме во праксата? Немаме случај во кој е осуден говор на омраза, освен една првостепена пресуда за пожарите во Грција. А имаме една историја, секојдневна, на такви примери“, вели тој.
Освен неказнивоста на говорот на омраза и поттикнувањето на омразата, која што доаѓа од политичките структури, тука се и лажните вести кои ви велат дека нешто што не е така, е така, оценува Сарачини. Во целата состојба, според него, придонесува и лажниот баланс во медиумите.
„Голем дел од нив, за жал, прават половична работа: доволно е да ги застапиме двете страни, и ние сме објективни. Простете, но тоа не е објективност. Како што вели една новинарска анегдота, ако личноста А ви вели дека надвор врне, а личноста Б дека не врне, ваше не е само да ги пренесете нивните ставови, туку да го отворите проклетиот прозорец и самите да видите“, вели Сарачини.
Тој истана дека новинарството не смее да биде баланс помеѓу лудилото и нормалноста, простор каде што лажговците ќе бидат едната страна.
„Која е целта на овој говор на омраза? Целта е да се замолкнат гласните. Не сум чул од албанските политички партии да осудат говор на омраза, а, да бидам искрен, ретко и во другиот политички кампус“ заклучува Сарачини.