„Речиси 20 години сум дел од ЦИВИЛ – Центар за слобода, тоа што мене ме привлече да бидам дел од оваа организација и кога сум формално дел од неа и кога не сум, е токму поривот кој што го препознав да се продолжи да се работи, да се дејствува, да се зборува, да се прават активности, проекти, фестивали, концерти, едукативни зафати во функција на унапредување на човековите права“, изјави Петрит Сарачини на отворањето на ЦИВИЛ Фест.
Сарачини се согласи и со другите соговорници и вели дека денеска ситуацијата не е многу подобра од она што го чувствувавме до пред две години, но мисли дека сепак малку сме мрднале, барем еден милиметар напред и дека во овие две години сме добиле шанса посуштински и пореално да се бавиме со оваа проблематика со човековите права.
„За жал не сме мрднале, за жал имаме многу области на коишто треба да работиме. Прво и основно, концептот на образование на човекови права во нашата држава е прилично тесен и формален. Човековите права не се две-три лекции кои што ќе ги научат децата во основното или средното образование во текот на годината, човековите права значат повеќе и практицирање и вткајување на овој концепт во секој образовен зафат во образовниот систем“, изјави Сарачини.
Според него, културата на неказнивост е исто така голем проблем, и дека порано сме имале култура каде што државата еминира дискриминација и не ги казнува дискриминаторските практики на институциите.
„Треба да созадеме реални и функционални механизми кои што ќе ги штитат човековите права на секој граѓанин и државата конечно да стане таа што ја испраќа пораката дека заштитата на човековите права е иманентна и дека прекршувањето е нешто што не може и не смее да се толерира“, додава Сарачини.
Сарачини вели дека доколку сакаме да изградиме општество без антагонизми или барем да ги намалиме колку што можеме, мораме тие што се најмногу депривилигирани сега да ги поттикнеме и да им помогнеме.
„Треба да изградиме општествена одговорност каде што на луѓето ќе им биде јасно дека мора да си помагаат меѓусебе, да изградиме општествена солидарност која ни е уништена, ако сакаме да стигнеме некакво ниво на еднаквост во општеството. Да им помогнеме на оние коишто се депривилигирани и да создаваме што е можно повеќе вакви заеднички точки, каде што сите ние различни по многу основи ќе создаваме нови заеднички наративи“, додава Сарачини.
Ангела Петровска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Биљана Јордановска
This post is also available in: English