„Моето искуство со ЦИВИЛ е позитивно. Како организација реално ги објавува сите работи што другите не сакаат. Граѓанското новинарство се базира на факти преку видео прилози, фотографии, секогаш аргументирано. Постоењето на граѓанското новинарство особено на локално ниво многу придонесува со оглед дека има само два локални портали во Велес што не можат да ги опфатат сите теми во градот“, изјави граѓанскиот новинар Дејан Ристов од Велес зборувајќи за неговото видување на граѓанското новинарство иискуството со ЦИВИЛ.
„Самото граѓанско новинарство може многу да помогне во делот на доброто владеење преку мониторинг на трошењето на јавните пари. Од една страна општините стануваат отчетни и транспарентни, а од друга страна граѓаните добиваат информации што нив ги засегаат што општините им ги даваат на граѓаните“, изјави Ристов.
Граѓанското новинарство, според него, поприлично им пркоси на лажните вести со оглед дека во блиското минато зафаќаат огромен простор во медиумското известување, а сè уште не се искоренети.
„Во граѓанското новинарство не постои сензационализам, туку факти аргументирани со видео или фотографија, наспроти сензационалистички наслови и лажните вести под нив“, истакна Ристов.
Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети