Рамуш Муарем – Цирко во разговор за ЦИВИЛ Медиа вели дека национализмот за жал повторно се повампирува. Тој вели дека „мајтапењето“ со техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој се обрати на ромски јазик по повод денот на Ромите 8 април, всушност е класичен национализам со тоа што се исмејува и понижува ромскиот јазик и ромскиот народ.
ЦИВИЛ Медиа: Има или нема национализам во нашата држава?
Муарем: Национализмот е еден вид на колективна параноја, има и колективна и индивидуална параноја, а под колективна се мисли на тоа дека има завист, страв од некој друг кој е поинаков од тебе. Колективната параноја се создава од индивидуалниот страв од другите.
Често се мешаат поимите национализам и патриотизам, се знае дека во прво место на патриотизмот е љубовта кон твојата земја и кон твојот народ, додека кај национализмот е обратно, на прво место и приоритет е омразата кон другите нации, друга држава, другото племе…
Едно е да си патриот, друго е да си националист, за жал и на наше тло национализмот си вирее и понатаму ќе вирее. Национализмот е една голема кочница и уназадување на една земја, затоа што националистите не и прават прогрес на својата држава и на својот народ, напротив, они го уназадуваат, ги влошуваат ситуациите, ја влошуваат состојбата… а тоа е пред сè од страв дека ќе ја изгуби комотна ситуација, односно завист од другата националност или од другиот народ дека ќе му го земе приоритетното место, функцијата, работното место…
ЦИВИЛ Медиа: Како го гледате национализмот низ призма на социјалната правда?
Муарем истакна еден пример за социјана неправда и национализам, кога во медиумите и социјалните мрежи се објави дека низ охридските плажи во текот на ноќта несовесните граѓании оставаат ѓубре и пластични шишиња, при што имаше коментари дека таквиот потег на македонските туристи во Охрид е „циганска работа“.
Јас не знам како тоа може да биде „циганска работа“ ако некој фрла пластични шишиња, кога знаеме дека токму „циганите“ се тие кои ги собираат пластичните шишиња и од нив егзистираат.
Мене ми е одвратно и тажно, душата да ми биде географски контролирана. Тој флуид на национализам му се вградува на човек уште од најмала возраст од слушање на неговите постари, родители, комшии, познаници… детето не може да го научи тој поим ако не го слушнал од некого.
Голема е таа социјална неправда, не само со примерот во Охрид со собирачите на рециклажа, туку каде и да отидат исто ќе биде, на пример со Ромите „старо купувам“, сè уште се користи тезата „биди мирен или ќе те дадам на старо купувам“.
Кај Ромите е позастапена сивата економија, повеќето од жените Ромки им ги чистат куќите и становите на не-ромите, и замисли таа „смрдлива циганка“ како што ја нарекуваат, го чисти станот на тие што ја навредуваат дека смрди, дека е нечиста, валкана… Ако жените Ромки се навистина такви, тогаш зошто им даверуваат клучеви од станот да им го чистат и одржуваат?
ЦИВИЛ Медиа: Во текот на политичката кампања, често се „зезаа“ со говорот на ромски јазик на техничкиот премиер Оливер Спасовски. Дали тоа е всушност исмејување на ромскиот народ и ромскиот јазик?
Муарем се осврна и на тоа дека во текот на предизборната кампања, дел од граѓаните се „мајтапеа“ со техничкиот премиер Оливер Спасовски, меѓутоа тоа „мајтапење“ не беше со Спасовски, туку тоа беше мајтапење со Ромите, особено со ромскиот јазик.
Спасовски се потрудил да зборува на ромски јазик и покажал респект кон Ромите, и наместо тоа да биде добар пример, дел од граѓаните решија да го исмејуваат ромскиот јазик. Јас им преведував на повеќе лица дека Спасовски на ромски јазик само го честитал Интернационалниот ден на Ромите – 8 Април, и не знам што е толку смешно. Нормално е човекот да не ги изговара зборовите со точен акцент, со права дикција, тоа ти е исто како јас да зборувам на англиски, ќе ми се згазат од смеење.
„Мајтапењето“ со Ромите и ромскиот јазик е затоа што најдоа една мала незаштитена нација која нема кој да ја брани, освен неколку индивидуалци кои како „Дон Кихот“ се борат со ветерници.
Муарем додава дека национализмот еднаш не поминал убаво, кога пред педесетина години Хитлер имаше идеја за чиста бела раса, една нација, само они и никој друг… и знаеме што се случи.
За жал национализмот се повампирува, и нема да е воопшто добро ако на национализмот му се возврати со национализам. Треба да проработи чувството на почитување на другите, односно да се научи повеќе за другиот, за неговата култура, јазик, традиција, религија итн., и само во тој случај ќе се намали национализмот.
текст и монтажа: Дехран Муратов
камера: Атанас Петровски
фотофрафија: Биљана Јордановска