Првата прес конференција на ЦИВИЛ – Центар за текот на изборниот процес што се одржа во 10 часот, започна со шегата дека изборниот ден започнал со навремено отворање на сите партиски штабови ширум земјата, со тоа што некои воопшто и не биле затворени веќе подолг период...
Во името на ЦИВИЛ, Џабир Дерала им посака мирен и спокоен ден на сите граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија, слободни, фер и демократски претседателски избори.
На самиот почеток, ЦИВИЛ ги сумираше главните наоди од почетокот на изборниот молк што стапи во сила во петок на полноќ и ќе трае до затворањето на избирачките места денеска во 19 часот.
Лидер на една маргинална политичка партија, во изборен молк, повикува на бојкот… Вработен во МРТВ, вработени во администрацијата и активисти на политички партии и низа други, агресивно го кршат изборниот молк. Кршењето на изборниот молк е придружено со говор на омраза и лажни вести и забележан е на социјалните медиуми, особено на Фејсбук страници на одделни формални и неформални политички групации.
Од петокот на полноќ кога стапи во сила изборниот молк, до почетокот на гласањето денеска во 7 часот наутро, ЦИВИЛ бележи преку 40 случаи на кршење на изборниот молк. Црната кампања, говорот на омразата и лажните вести се силно присутни и за време на изборниот молк.
Дел од интернет порталите, исто така, не се придржуваат кон изборниот молк и објавуваат манипулативни содржини и текстови што ги содржат имињата на политичките партии и нивните кандидати за претседател.
ЦИВИЛ повеќе пати ги повика политичките структури во Република Северна Македонија да го почитуваат Изборниот законик, а со тоа и изборниот молк. Институциите се повикани да ги регистрираат овие случаи и да реагираат соодветно на своите законски ингеренции.
Набљудувачите на ЦИВИЛ јавуваат дека избирачките места се отворени на време, со исклучок на едно доцнење од 15 минути. Државна изборна комисија соопшти дека Избирачкото место (ИМ) 2344 во подрачното училиште „Рамни Габер“, општина Студеничани, воопшто не било отворено.
На ИМ 2644/1, во ОУ „Петар Поп Арсов“, во Општина Карпош, гласач се обидел да гласа со веќе обележан прст, под изговор дека се замачкал со спреј во својство на член на избирачко одбор на друго избирачко место. Сепак, Избирачкиот одбор не му дозволил да гласа.
На истото избирачко место, погрешно е напишано дека во тоа избирачко место гласаат сите граѓани од ул. „Никола Парапунов“, а гласаат само тие на буквите од М до Ш. Грешката е поправена на лице место - со маркер, но , во меѓувреме, неколку гласачи се вратени и не гласале.
На ИМ 2119, во ОУ „Александар Здравковски“, во Јегуновце, на сите бандери околу објектот каде што се гласа биле залепени промотивни флаери на еден од кандидатите. Во 9:40 часот, се бележи дека тие се отстранети.
На ИМ 1410 во ОУ „Климент Охридски“ во Прилеп, гласач сакал јавно да гласа на масата кај Избирачкиот одбор, но бил спречен од претседателот на ИО.
На ИМ 2280 и 2280/1 во ОУ „Гоце Делчев“, во Штип, партиски набљудувачи без акредитации, на мобилни телефони гласно разговарале на начин што може да се протолкува како агитација, односно кршење на изборниот молк.
На истите избирачки места, параванот за гласање бил поставен несоодветно, односно можело да се види за кого гласаат гласачите. Грешката е исправена по укажување на набљудувачите. На истото ИМ, параванот за лица со посебни потреби бил поставен во аголот на просторијата и бил непристапен.
На ИМ 2280/1 член на ИО пречекувал гласачи на вратата на просторијата за гласање.
Мониторингот на ЦИВИЛ нотира дека по еден гласач на ИМ 2826 во ОУ „Битолски конгрес“ во Чаир, Скопје и ИМ 0085 во ОУ „Ѓорѓи Сугаре“ во Битола, ИМ 2334 во ОУ „Тодор Јанев“, во Чашка, а тројца на ИМ 0993 во ОУ „Кочо Рацин“ во Кратово не можеле да се пронајдат на Избирачкиот список и не можеле да го искористат своето уставно право на глас.
На ИМ 2691 во ОУ „Ѓорѓија Пулески“, во Општина Аеродром, претседателот на ИО го фотографирал овластувањето на набљудувачката на ЦИВИЛ и барал во овластувањето, покрај ЦИВИЛ, да го има и нејзиното име и презиме.
На ИМ 2704 во ОУ „Ѓорѓија Пулески“ во Општина Аеродром, набљудувачка од акредитирана странска организација се однесувала дрско со членовите и претседателот на Изборната комисија, мавтала со овластувањето на кое со маркер било пречкртано Северна во името на Македонија, барала да ѝ кажат број на гласачки ливчиња во кочанот, иако гласањето било во тек и го попречувала текот на гласањето.
Граѓанка од Миравци во Општина Гевгелија, на дежурните телефони на ЦИВИЛ, пријави дека во седум часот наутро, штабот на една политичка партија во селото е оштетен и дека случајот го пријавила и во полиција.
На ИМ 0576 во ОУ „Ванчо Прке“ во Општина Делчево, на набљудувачката на ЦИВИЛ при идентификацијата, во записникот на ИО ѝ го запишале и матичниот број, па откако посочила дека тоа се лични податоци, го пречкртале.
На ИМ 0837 во ОУ „Ључо Сантов“ во Општина Кочани, членка на ИО водела политички разговори и го кршела изборниот молк.
ИМ 2441 во ОУ „Емин Дураку“ во Сарај, Скопје, е отворено со доцнење од 15 минути.
На ИМ 0110 во Месна заедница „Коле Лачето“ во Битола, членка на ИО го прочитала името на единствениот гласач во просторијата на глас.
На ИМ 2165 во ОУ „Свети Кирил и Методиј“ во Велес, претседателот и член на ИО не ноеле беџови, а гласачите се евидентирале со „цртки“. На истото ИМ не е поставен пулт за лица со посебни потреби.
Избирачките места 1959, 1960 и 1963 во Општина Тетово, биле преместени од објектот на Црвениот Крст, во објектот на најблиското училиште ОУ „Гоце Делчев”, а промената предизвикала забуна и реакција кај граѓаните, кои дошле на местото каде досега го остварувале правото на глас.
ЦИВИЛ Тим за комуникации
This post is also available in: English