Прес на ЦИВИЛ: Говорот на омразата едно од главните оружја на предизборната кампања

Закани и притисоци, говор на омраза, лажни вести, дезинформации, злоупотреба на службената положба и јавните ресурси и проблеми со Избирачкиот список, бележи ЦИВИЛ во долгорочниот мониторинг на предвремените парламентарни избори.

ЦИВИЛ денеска на прес конференција ги изнесе досегашните наоди од долгорочниот мониторинг на предвремените парламентарни избори. Се работи за комплесен мониториг, со најнови методологии кои се компатибилни на набљудувањето на домашните и странските мисии.

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ во неколку категории забележа:

ЗАКАНИ И ПРИТИСОЦИ - Закани и притисоци од најразличен вид се бележат во Скопје, Штип, Тетово и Јегуновце. Активисти на одредени политички партии вршат притисок и се закануваат на граѓанки и граѓани.

ПОЛИТИЧКО ФИНАНСИРАЊЕ - Политичкото финансирање е предмет на мониторингот на ЦИВИЛ. Очекуваме да добиеме навремени и транспарентни извештаи од политичките партии за тоа како се финансираат нивните кампањи и како се потрошени тие средства. Без оглед на тоа дали кампањите анонимни, од содржината на материјалите што се дистрибуираат низ земјата, односно онлајн кампањите, лесно може да се пронајде нарачателот. Очекуваме тие да ги откријат овие податоци пред јавноста. Бараме од политичките партии да се потпираат и на другите закони, а не само на Изборниот законик. За жал, политичкото финансирање им дава огромна предност на поголемите за сметка на помалите политички партии.

Констатирана е и состојбата на сивата зона каде законски не се регулира овој период, но се бележи активна кампања.

ГОВОР НА ОМРАЗА - Најзабележлив и најинтензивен е говорот на омразата кој веќе долго време е една од двете главни алатки за водење политичка борба во земјата, кој го генерираат одредени политички партии и групи блиски до нив. Тимот на ЦИВИЛ не успева ни оддалеку да ги регистрира сите случаи на говор на омразата кои се во изборен контекст. Секојдневно се бележат најмалку по десет случаи на говор на омраза дневно, со учество на најмалку пет различни учесници во вербалните пресметки на интернет. Само за еден месец, регистрирани се повеќе од 300 посебни случаи, не сметајќи ги ТВ дебатите кои се пренесуваат во живо на Фејсбук.

За размерот и пропорциите на говорот на омразата присутен на социјалните мрежи, а на содржина генерирана од ТВ куќите, како илустрација може да послужи ТВ дуелот на Канал 5 меѓу претседателите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски на 28 февруари. Несразмерно поголем број од коментарите на ФБ страницата на Канал 5 беа негативни или содржеа експлицитен говор на омраза.

Според анализата на ЦИВИЛ, се нотира дека во голем број случаи се работи за координирани онлајн напади на поединци, меѓу кои се аналитичари, активисти, новинари и политичари. Понатаму, мета на организиран говор на омраза се и ЕУ, НАТО и западните демократии. Нападите се врз лична основа, ад хоминем, најчесто на политичка, етничка, верска и родова основа.

Мониторингот на ЦИВИЛ бележи и голем број нови графити со говор на омраза, пред сѐ, со националистичка содржина. Се издвојуваат примери на такви графити во Скопје, Штип и Куманово.

ЛАЖНИ ВЕСТИ, ДЕЗИНФОРМАЦИИ И ЦРНА ПРОПАГАНДА

ЦИВИЛ го интензивира мониторингот на лажните вести, дезинформациите и црната пропаганда од 1 март. До овој датум, бројот на случаи на регистрирање на лажни вести на дневна основа се движи меѓу 2 и 5, но мултиплицирањето е со огромни размери, бидејќи содржините се преземаат и дистрибуираат во организиран манир и нанесуваат големи штети на изборниот процес и правото на граѓанките и граѓаните на објективно информирање за тие да го искористат своето право на глас на 12 април. Се злоупотребуваат сите можни информации, а меѓу нив, можеме да издвоиме и теми како мигрантската криза и корона-вирусот, кои беа искористени за ширење дезинформации и паника меѓу луѓето.

ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦА ВО ИЗБОРНИ ЦЕЛИ

Злоупотребата на децата се бележи најчесто онлајн, каде што деца се замотуваат во знамиња, покажуваат симболи и слично. Децата мораат да бидат заштитени од отровот на политиката кој се лее овој период.

ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНАТА ПОЛОЖБА И ЈАВНИТЕ РЕСУРСИ

ЦИВИЛ извести за неколку случаи на злоупотреба на службената положба и јавните ресурси за партиски и пропагандни цели. Јавноста е добро запознаена со случаите на злоупотреби од страна на неколку министри и заменици во изминатиот месец.

ПРОБЛЕМИ СО ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК – Непосредно пред почетокот на прес конференцијата до ЦИВИЛ стигна пријава од граѓанин кој пријави 6 фантомски гласачи на неговата адреса, а веројатно има уште 6 во неговата зграда. Од институциите не добил релевантен одговор. Проблемот со Избирачкиот список го бележиме од пред 11 години и се уште не е надминат. Познати се проблемите од 2013 година со гласачи кои не постоеја но сепак гласаа.

***

Во тек е подготовката на анализата на карактерот и пораките на кампања на политичките партии во предизборниот период. Тоа ќе биде еден обемен видео материјал, придружен со анализи и фотографии. Во него ќе бидат јавно презентирани сите наоди во детали.

ЦИВИЛ ќе подготви регистар на политичари, медиуми, Фејсбук и Твитер профили, кои шират говор на омраза, лажни вести и дезинформации во изборен контекст и ќе го даде на увид и корекција од јавноста.