Во најголемите горештини, Град Скопје, изведува градежни работи на мостот Гоце Делчев.
Надминувањето на температурите над 35 степени не ги предомсли властите да прогласат портокалова фаза кога на сила би стапиле препораките според кои бремените жени и хронично болните не треба да одат на работа, како и да не се работи на отворено од 10 до 17 часот.
Ваквите препораки не само што не стапија во сила, туку во најголемите горештини, Град Скопје, изведува градежни работи на мостот Гоце Делчев.
„Поради изведување градежни активности за реконструкција на дилатационите фуги на мостот денеска во периодот од 5 часот изутрина до 17 часот попладне ќе биде целосно затворена за сообраќај страната на мостот во правец од ТЦ „Мавровка“ кон Влада (исток-запад). В недела поради изведување на истиот градежен зафат на мостот во периодот од 5 часот изутрина до 17 часот попладне, ќе биде целосно затворена за сообраќај страната на мостот во правец од Влада кон ТЦ „Мавровка“ (запад- исток)“, се вели во соопштението од Град Скопје.
Граѓанска новинарка до редакцијата на ЦИВИЛ Медиа испрати фотографии од изведувањето на градежните активности на мостот „Гоце Делчев“ во Центарот на Скопје, каде и понатаму се работи и покрај високите температури.
„За овие луѓе што работат, не важат мерките препорачани за работа на отворено, или добро познатиот популизам е побитен. Кој и да дал наредба треба да се срами! На 300 степени да копаат и асфалтираат. Дојди ти да поседиш наместо да се криеш во некоја кафеана. Работа навечер е забрането нели, затоа што дупло треба да им платите!“, пишува револтираната граѓанка.
Од Државниот инспекторат за труд пред два дена посочи дека прават засилени контроли, особено во текстилната индустрија и во градежништвото.
„Имаме засилени контроли. Ресурсите со кои располагаме во моментот одат на терен, прво се даваат опомени за да се преструктуира работното време и да се обезбедат доволно течности за работниците. Доколку не се почитуваат препораките, се дава забрана за работа“, велат од Државниот инспекторат за труд.