Предвремените избори не се (секогаш) навремени избори (1. дел)

пишува: Д-р Александар Љ. Спасов

1. Исклучокот станува правило

Одржување на предвремени наместо на редовни парламентарни избори во Република Северна Македонија (до 2019 година Република Македонија) во последните 12 години стана редовна пракса. Имено, од првите предвремени избори во плуралната парламентарна историја на нашата држава одржани во 2008 година до тековната 2020 година не се одржаа редовни избори со истекување на четиригодишниот мандат на Собранието.

Она што беше инцидент во 2008 година се повтори во 2011, 2014, 2016, а во тековната 2020 година, и покрај одложувањето на изборите од првичниот датум определен на 12 април поради вонредната состојба, повторно ќе се одржат предвремени парламентарни избори. Ваквата состојба не е одраз на „високата демократска свест и политичка храброст“ (како што беше оценето од повеќемина пратеници за време на расправата за донесување на одлука за распуштање на Собранието во 2008 година), туку многу повеќе е одраз на политичката нестабилност и суштинскиот демократски дефицит на нашиот политички систем.

Дополнително, „фамозната“ уставна норма во последниот став од чл. 63 од Уставот на Република Северна Македонија која определува дека „Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници“ отвора многу повеќе правни и политички дилеми отколку што е решение за високата конфликтност и честите политички кризи во македонската политика.

Целта на оваа кратка анализа е да ги идентификува, претежно, негативните последици врз политичката стабилност и демократскиот развој, како и врз функционирањето на уставно-правниот поредок предизвикани од честите предвремени избори односно од предвременото прекинување на мандатот на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, но не и помалку важно, да влијае врз подигнувањето на свеста на јавноста дека предвремените избори треба да бидат крајна нужда, а не првото средство по кое посегнуваат политичарите во случаи и на помали политички кризи или конфликти.

Во таа насока се анализираат политичките причини за досегашните предвремени избори во нашата држава и се истакнуваат недостатоците во нашиот „модел“ односно праксата на предвремените избори во однос на функционирањето на политичкиот систем.

(ПРОДОЛЖУВА)

 


Ставовите изнесени во овој текст се лични ставови на авторот. Тие, на ниту еден начин, не ги одразуваат ставовите или официјалните позиции на институциите или поединците со кои авторот има професионална соработка.


Најава на следните продолженија (наслови):

Зошто „моравме“ да имаме предвремени избори од 2008 година до денес? (2. дел)
Политички и правни последици од предвремените избори (3. дел)
Правилото да биде правило, исклучокот да остане исклучок (4. дел)

Трудот на д-р Спасов ќе биде објавен и во форма на публикација во електронска и печатена форма што ќе биде достапна бесплатно, по завршувањето на овој серијал.

ЗА АВТОРОТ, Д-Р АЛЕКСАНДАР СПАСОВ

д-р Александар Љ. Спасов

Д-р Александар Спасов е доцент на теоретски правни науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде предава од 2008 година. Роден е во Скопје, основното образование го завршил во Скопје и Краков, Полска, а средното образование во Скопје. Дипломира на правни студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2005 година. Магистрира на правни науки во областа на теоријата на правото во 2010 година, а докторира на правни науки во 2015 година на истиот факултет.

Од 2007 година бил програмски менаџер и координатор на политичкото образование во Прогрес-Институт за социјална демократија. Бил надворешен соработник за јавни политики во Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија (2017-2019) и експерт за квалитет во високото образование при Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија (2017-2019). Од 2019 година е надворешен советник за надворешна и внатрешна политика на Претседателот на Република Северна Македонија.

Д-р Александар Љ. Спасов бил стипендист и практикант на Германскиот Бундестаг во 2006 година. Остварил повеќе истражувачки престои, меѓу кои на Институтот за компаративно јавно право и меѓународно право „Макс Планк“ во Хајделберг во 2013 година, каде што, во рамките на своите докторски студии, истражувал во сферата на концептите на државниот суверенитет во современиот меѓународен поредок. Од 2012 до 2018 година бил ко-уредник на научното и стручно списание „Европско право“. Автор е на повеќе монографии и научни и стручни трудови од областа на теоријата на државата и правото, меѓународното право, меѓународните односи и правото на ЕУ.

 


Сите права се задржани.  ЛИНК; Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.