Празни ветувања, лицемерие, пиштоли, етнички и родови акробации…

Ангела Петровска

„Јас утре, здравје Боже, на функција ако бидам и ако крадам народни пари, како што тие крадеа и за мене да важи: Да си лежи во затвор“, изјави кандидатот за претседател Стево Пендаровски, синоќа во Гостивар. Тој додаде дека тие што краделе, ќе ги вратат парите и ќе си лежат во затвор.

Но, кој досега вратил од парите и кој лежел во затвор? Судења има, притвори има, куќни притвори има исто така, ама сите се ослободуваат, одложуваат, бегаат… Поранешниот премиер Никола Груевски, за кој СДСМ зборуваше и сè уште зборува, дека најмногу крадел, успеа да им избега… и сè уште не се знае како.

На вчерашната средба во Гостивар, еден граѓанин се пожали зошто од Избирачкиот список се бришат граѓани кои се живи, конкретен пример беше и тој самиот, и рече дека треба да влезе во Државната изборна комисија, на што Пендаровски се согласи, а граѓанинот потоа додаде дека би влегол и со пиштол.

На сета мака на граѓаните во државава, претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, оваа изјава ја искористи како шега и на својот Фејсбук профил напиша: „Добро утро од ДИК (го чекаме овај со пиштолот на кој што му беше речено да дојди) што би рекле комшиите: шта речи, а не заплакати!“

А да се потсетиме, претседателот на ДИК изјавуваше дека проблеми со Избирачкиот список… нема. Наместо Дерковски да се „шегува“, треба да изнајде правен механизам, односно решение како да му се овозможи правото на глас на „тој со пиштолот“, бидејќи правото на глас е уставно загарантирано право!

Кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова, синоќа го откажала гостувањето на „жешкото столче“ на Телма, така соопштија од телевизијата. Силјановска прво ја прифатила поканата, но потоа, без образложение, ја одбила.

Силјановска синоќа беше во посета на општина Гази Баба, каде што уште еднаш порача дека ќе ја срушат оваа нелегитимна власт и нагласи дека нема да трчаат по многу моќ, бидејќи премногу моќ значи опасност да ја злоупотребат.

Очигледно Силјановска ја научила лекцијата за тоа како партијата која ја поддржува ја злоупотребуваше моќта во изминатите години. Или како лидерите (Груевски, Иванов) не се појавувале на дебатни емисии, односно се појавувале само тогаш кога сами ќе одберат медиум и спротив нив има новинари со подготвени и порачани прашања…

Силјановска додаде дека родовата рамноправност е најголема придобивка за демократијата во државата и дека со самото тоа што ВМРО-ДПМНЕ ја поддржало во нејзиното кандидирање за претседател, партијата покажала дека се бори за родова еднаквост, додавајќи – „Македонија е најубавата жена во светот“.

Да, партијата која донесе закон со кој делумно се забранува правото на жената да одбира што ќе прави со нејзиното тело, дали да направи абортус или не… Сега се борат за родова рамноправност… Смешки.

Кандидатот Блерим Река во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, повторно изјави дека на државата ѝ е дојдено времето за Албанец претседател.

„Ако Албанците не знаат за кого да гласаат, тогаш сѐ е залудно. Би ги повикал да гласаат со своето срце, да гласаат совесно“, изјави Река.

За да биде претседател некој од кандидатите, потребни им се гласови од сите етнички заедници, не може да се изглегува со реториката дека една националност треба да гласа за нив, бидејќи другите ќе се почувствуваат заборавени или, пак, дискриминирани, која патем е и идејата на Река, кој вели дека оваа држава не е еднаква за сите.