„Пописот е статистичка операција. Прашањето е како треба да функционира едно општество. Една држава за да може да креира политики ако нема попис. Мора да има попис, бидејќи и во едно семејство сè што се прави се прави врз база на некој план, краткорочен или долгорочен. Ние не знаеме колку сме, а треба да креираме социјални, образовни политики, политики на комунално и зонско паркирање… Сè се сведува на бројки, на факти кои треба да ја дадат сегашната слика и врз база на тоа да се изготват краткорочни и долгорочни планови“, изјави градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, на панелот на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика“.
„Треба да се направи стратешки документ каде потоа на база на тој ќе се донесуваат одлуки. Кога се попишува не се попишува само луѓе, се попишува и имотот. Како да знаеме какво зонско паркирање да направиме ако не знаеме колку автомобили имаме. Просто е прашањето како јас гледам на пописот. Целта на пописот е статистичка операција која треба да ни даде одговор на сè. Во сите општини фали реална проценка на имот, односно данок на имот. Според мене ова беше шанса да со пописот да има посебен образец за имотот и од правни и физички лица, но требаше порано да се изберат попишувачите. Во цел свет, финансирањето на општините најмногу оди од данокот на имот.
Во образованието, дуалната настава бара повеќе пракса. Ние мора да поттикнуваме процеси, а не да чекаме да се случат. Се тоа мора да произлезе од бројки. Без попис нема да го знаеме капацитетот на фабриките. Во Гевгелија 80-100 деца не можат да се запишат во градинка. Но, од каде се тие деца, од Гевгелија или од менаџерски кадар што работи во Гевгелија. Околу 100 фамилии тука работат, а се странци, меѓутоа нивните деца тука учат. Бројките мора да се знаат за да можеме да планираме дали за 5 години ќе ни требаат повеќе градинки или не.
За да креираш политика ти требаат податоци. Исто така, треба да се знае отприлика колку жители ќе има во иднина во Гевгелија, за да знаеме како да планираме за понатаму, посочи Поцков.
Во однос на повиците за бојкот на пописот поради здравствени причини, тој го посочи примерот со Бугарија која се подготвува за избори, а брои околу 9 милиони жители.
„Во Бугарија не знаат дека има корона, а еве ќе прават избори? И нас нè плашеа дека ќе има многу заболени ако се одржат изборите, еве се одржаа минатата година и се беше во ред. Сега зборуваме за попис каде што поединец ќе влегува во фамилија, а имаме избирачко место каде што има по 1.000 гласачи. Ние мора да живееме со пандемијата, како што одиме на работа, во продавница, сè работи, само се прилагодуваме на новите услови.
Ние се стремаме кон Европа и нема да се даваат или одземаат некакви права според некакви проценти. Еднаш дадени права не може да се одземат, може само да се унапредуваат. Кога веќе зборуваме за политика, тие права се дадени во време на ВМРО-ДПМНЕ, а сега СДСМ само ги усовршува тие права“, рече Поцков.
Тој упати апел до граѓаните на Гевгелија да ја отворат врата на попишувачите.
„Во едно семејство оди само еден попишувач, нема опасност од ширење на пандемијата, бидејќи пандемијата стана наше секојдневие, првиот случај во Гевгелија беше на 10 март минатата година. Да ви дојде попишувач дома ви е исто како да ви дошол комшија на кафе, животот мора да продолжи. Со тоа ќе ги покажеме европските вредности, ќе покажеме дека можеме и нешто сами да направиме, дека нема за сè да ни треба европската заедница и да правиме сè под притисок. Сега е време како што велеше Кенеди – Што можеме ние да направиме за државата? Сега е време да покажеме свест. Сите да се вклучиме заедно, подајте рака како опозиција. Имаме простор и место каде треба да се однесуваме државнички“, истакна Поцков.