пишува: ДИЈАНА ТАХИРИ
Заклучно со денес до 8 часот наутро, вкупната бројка самопопишани од дијаспората изнесува 130.009, што е релативно добра бројка на одѕив на долгоочекуваниот попис во Северна Македонија. Со неминовна забелешка дека, иако не се знае точната бројка по етничка поделба, очигледно е дека самопопишувањето на дијаспорците е во најголем број во европските земји, како што е Швајцарија, Германија, итн. каде што најчесто се иселуваат претежно македонски граѓани со албанско етничко потекло, но секако и помал број од другите етнички заедници.
Дијаспората во Австралија и Канада ( Македонците) – слабо.
Да повториме, и да одиме „школски“, во земјава не е спроведен попис веќе дваесет години, со еден обид и поништување во меѓувреме. Доколку не се знаат, односно не се направи организирано прибирање на точните бројки/податоци за населението, домаќинствата, стопанствата, и раселените лица, не можат коректно и точно, односно без јасна и цврста основа да се градат развојни политики во економски, инфраструктурен, образовен и секаков друг аспект во земјава.
Кому, и уште поважно, зошто му е важно да немаме точни податоци? Односно, зошто се потребни нејасните и збунувачки повици од дел од опозицијата за бојкот на пописот, и да ги наведеме и кои се – ВМРО-ДПМНЕ и Левица со сателитите? Кому ќе донесе придобивка непопишувањето?
Повиците за бојкот на пописот се еднакво глупави и бесмислени и деструктивни, колку што се и наведените причини за истиот. Имено, за причина се наведува глобалната состојба со пандемијата на наше „локално“ ниво, дека граѓаните ќе бидат изложени на евентуално заразување со Ковид-19, кога ќе дојде попишувачот на врата. Дури, се собираа потписи против пописот, и тоа со физичко присуство, на коешто потпишување веројатно во улога на иницијатори и потпишувачи присуствувале луѓе со супер-моќи и супер – имуни на корона! А луѓето од дијаспората, во далечната „проклета да е Австралија“ и Канада, ќе се заразат онлајн?!? Лицемерието на иницијаторите на бојкотот не може да се измери, исто како и глупавоста, и нивна, и на послушните дијаспорци.
Од друга страна, повиците за попишување на дијаспората, а и општо во земјава, се релативно успешни, односно успешни во дел од дијаспората, а внатрешно останува да се види.
На што се должи таканареченото масовно попишување на дијаспората низ Европа? Дали на „контроверзните и националистички“ повици од Груби и Османи коишто за некои претставуваат пречекорување на овластувањата и мешање во работата на други институции што треба да го прават тоа, а за други е сосема легитимно, сè додека не постапуваат по партиска директива? А кои патем, не слушнав ниту еднаш да ги повикуваат само Албанците, или да ги соопштуваат бројките само од Албанците, туку ја соопштуваат вкупната бројка од попишаните во дијаспората и повикуваат без етнички белези. Добро, на албански јазик им се повиците, ама боже мој, секој со својот таргет, нели? Или можеби се должи на повикот од Курти? Што, исто така, се толкува на различни начини.
Или, можеби на повеќедецениската политика на упорно, делум прикриено, но во голема мерка јавно доминирање во сите општествени и политички и секакви други важни процеси во земјава, на една, а тоа е македонската етничка заедница, со минимално или површно земање предвид на другите околу својата оска, во носење сериозни политички и општествени одлуки… Впрочем, тоа се гледа и во поделбите, првенствено територијалните, а потоа и другите, како што е економската, инфраструктурната итн. низ општините во кои општата, визуелна, и секаква друга слика е различна, во зависност од етничката припадност на жителите.
Кој се сеќава, знае дека порано, во границите на Југославија другите народи – Албанците, Турците, Ромите, Власите итн. ги нарекуваа народности, што е посебна дискриминација во однос на „големите и значајни заедници“, народи нели, версус помали и понезначајни заедници, пространи низ целата тогашна територија. А со откинувањето на земјава од Федеративната Република, истата политика продолжи и во границите на Македонија, со речиси истиот наратив, реторика и практики кон помалубројните етнички заедници, односно, кон немакедонците и нивниот страв од „надбројување“ на Македонците, и тоа во главно од Албанците, што се однесува до пописот( и не само), бројките и политизирањето на оваа навидум статистичка операција, којашто би требало да е само тоа.
Ќе се сетите, а доколку не, ќе ве потсетам на коментарите за големиот ( и растечки) наталитет кај Албанците, и стравот дека за 10, 15 или 20 години, „ како што се множат, овие ќе бидат мнозинство“! Тие 10, 15 или 20 години поминаа одамна, а во меѓувреме, Албанците не станаа мнозинство, според последните бројки, односно последниот попис во далечната 2002 година. Истиот страв извира на површина и сега, и тоа не само од страна на збунетите ултранационалисти од ВМРО-ДПМНЕ кои со повикот до дијаспората за бојкот на пописот всушност си забиваат нож во колено самите себеси ( се однесуваат како да не знаат дека ако не се попишеш, ќе бидеш помалку, па кога ќе бидеш помалку, ќе ти биде виновен секој, само не ти), туку и од јавни личности од политичкиот „живот“ во земјава, на кои некако не им е сеедно што „овие“ се попишуваат масовно, а нашиве – не! А и не треба да им биде сеедно…ако збориме право. Бидејќи, со бројките шпекулира кој може и кој стигне, секој во своја полза, а некои и на своја штета.
Масовното, како што веќе се нарекува самопопишувањето од страна на дијаспорците Албанци, се чини дека се должи токму на шпекулациите дека се помалку од 17, 16, 15%, а за некои дури и може слободно воопшто да не се попишат, бидејќи ја реметат „стабилната“ бројка на Македонците. Се до следни избори кога треба да се прават коалиции. Е, тогаш сите сметаат на таа голема бројка што ќе ги пополни празнините во гласачкото им тело. Имено, можеби тоа не го прават (се попишуваат) од високо патриотски побуди, од љубов кон татковината, колку што го прават од други, повеќеслојни побуди, како што е докажување во бројки пред другите, со можеби (?) нереални очекувања дека ќе бидат повеќе од колку што се, но и да покажат дека, едноставно, постојат.
Заради овие причини, а и некои други, пописот, од статистичка операција, се претвори во политичка битка и пресметка, на политичко, но и на општествено ниво. Секој повик за попишување е благороден, и во правилен правец, без оглед на мотивот.
Повиците за бојкот се во најмала рака деструктивни, исто колку што е необјасниво во 21 век да се повикува граѓанството да се попише. Со попис не се станува добар, лош, послушен или непослушен граѓанин, стануваш видлив. Па повелете, да се видиме!
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.