Отакако вчера ЦИВИЛ Медиа алармираше дека е злоупотребен идентитетот на писателот Наум Попески, денес веќе не постои лажниот Фејсбук профил со истото име, преку кој се ширеше експлицитен говор на омраза поттикнувајќи етничка и верска нетрпеливост.
„Откако вчера ми се јавивте вие од ЦИВИЛ, јас веднаш отидов во полициска станица, од таму ме упатија во „Пролеќе“, а од таму ме упатија во МТВ на трети спрат да пријавам. Вчера не работеа и отидов денес, но и денес не направија ништо, не знам зашто. Добро е тоа што денес се смирија провокациите, веќе тој профил не постои, меѓутоа многу ме вознемири тоа“, возбудено раскажува писателот Попески за камерата на ЦИВИЛ Ммедиа.
„Ова првпат ми се случува и се чудам како може еден нормален ум да користи такви грозотии, да се служи со таква омраза тоа е неверојатно. Ова се монструми и државата треба да ги санкционира за да не нè вознемируваат. Тоа не е својствено за мене, јас ги сакам сите и немам проблем со никого. Кога прочитав што се пишува во мое име, јас се згрозив, и не можев да спијам цела ноќ, едвај чекав да се раздени за да одам да пријавам“, вели со солзи во очите Попески кој беше вознемирен поради случката.
Тој додаде дека цел живот пишува поезија и работи со деца, и неговите пораки се сите да се дружат, да другаруваат, да се сакаат и да не се мразат.
„Ќе биде лошо ако институциите не го санкционираат таквиот човек со болен ум, тој и понатаму ќе продолжи некој друг да вознемирува и да му нанесува трауми“, нагласи Попески.
ЦИВИЛ Центар за слобода бара од надлежните институции, особено од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, како и од Јавното обвинителство, час поскоро да го открие тој/таа што шири ваква омраза, а соодветните институции (ЈО и судовите) имаат обврска да поведат соодветна законска постапка за санкционирање на ваквите противзаконски дејства.
Дехран Муратов
камера, монтажа и фотографија: Ариан Мехмети