Петар Младеновски е фронтмен на „Суперхикс“, еден од најпопуларните македонски бендови во последниве две децении, не само во земјава туку и во регионот, познат по своите социјално ангажирани текстови кои зборуваат за состојбите во општеството.
Самиот Пеце, а и неговиот бенд, честопати биле дел од разни хуманитарни но и општествени иницијативи за промовирање на мирот, мултикултурализмот и добрите меѓуетнички односи.
Како и секогаш, отворено и без влакна на јазикот, Пеце „Суперхикс“, кој ќе биде дел од концертите и дебатите на Караванот на слободата во Тетово и Куманово, за ЦИВИЛ Медиа ги открива своите размислувања за слободата во уметнички, но и во поширок, општествен контекст.
ЦИВИЛ Медиа: Што е за тебе слобода?
МЛАДЕНОВСКИ: Па, постојат разни дефиниции за тоа што е слобода. Филозофијата се занимава со слобода, политиколозите се занимаваат со слобода, арно ама, во овој амбиент во којшто живееме моментално, слободата е за мене, да отидеш на кафе со пријателите или на пиво да речеме… Да можеш слободно да дискутираш, да разговараш, отворено, гласно да критикуваш за теми, коишто реално те тиштат и те прават несреќен во една држава. Е, тоа моментално го нема во оваа земја, мислам го немаме… Тоа е избор на секој поединец, како тој ќе се однесува во рамки на еден систем и една држава. Но, за мене е тоа слобода, јавно и гласно да зборуваш што те мачи во оваа држава, кој политичар што ти згрешил, како функционира системот во моментов и ако не функционира, како тоа да се поправи и исправи и, доколку некој тоа го прави на погрешен начин, да се тргне од функцијата или од власта, или од позицијата којашто му е дадена. Слобода е за мене слободно изразување на своите мисли и чувства.
ЦИВИЛ Медиа: Колку музичарите и уметниците треба да жртвуваат за слободата?
МЛАДЕНОВСКИ: Не знам колку од уметниците кај нас се подготвени да ја жртвуваат својата слобода…, не својата слобода, туку своето конто на сметка на слободата, која треба да ја одржуваат во творечка смисла и воопшто, слободата на живеењето. Затоа што мислам дека во Македонија многу лесно се купуваат и поткупуваат домашните артисти и нивното творештво, мислам, со пар илјади евра или долари… Мислам дека е многу лесно да купиш артист, музичар или поет или творец, со пар зелени банкноти и потоа, да го ставиш во функција на она што тебе ти одговара, како политичар сега зборувам, нели… Затоа што сметам дека политичарите се тие кои работат на таа агенда, да ја „откупат“ уметноста во Македонија. Мислам дека имаме многу малку ангажирани уметници, а тие се оние кои пред сè, треба да го дадат својот глас во таа насока и да бидат погласни. Тоа се рокенрол артистите, кои се намерно тргнати на маргините. Барем јас имам таков впечаток, дека не се финансираат и не се промовираат рокенрол артисти и бендови, кои се практично најгласните и најкритични и го имаат оној најгласен крик кон власта и државниот апарат и се она што е негативно во тој контекст и се бројат на прсти. И сè затоа што не се лесно подмитливи, поткупливи…
ЦИВИЛ Медиа: Која е твојата порака за Караванот на слободата?
МЛАДЕНОВСКИ: Па, мојата порака е многу едноставна. Таа е пораката која што јас практично и со мојот бенд „Супехикс“ и индивидуално, ја пренесувам овие 25 години. Луѓе не се плашете, не се плашете, пред сè, бидете слободни, слободно изразувајте ги своите мисли, ставови, желби, потреби, живејте го животот, не дозволувајте други да ви ги кројат плановите, други да ве ставаат во разноразни рамки, да ве ограничуваат во секој поглед, да ви ставаат на знаење и да ве убедуваат дека тоа е правилен начин на живот. Животот треба сами да го живеете слободно, онака како што вие мислите, бидете критични, слободни и уживајте го животот, не дозволувајте други да ви го уништат!