Денеска во ДИК беа доставени потписите за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и коалициите, Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски, а претходно беше поднесена и кандидатурата за Блерим Река кој доби поддршка од Беса и Алијанса за Албанците. Трите кандидатури се очекува и официјално да бидат потврдени на денешната седница на ДИК.
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, најави дека во текот на утрешниот ден ќе се утврди редоследот на кандидатите на гласачкото ливче за претстојните претседателски избори што ќе се одржат на 21 април.
Тој потврди дека до комисијата стигнале три кандидатури и сите биле доставени од група избирачи со мининум 10 илјади потписи. Деркоски апелира кандидатите да се воздржат од јавни настапи и изјави до 1 април, зашто сето тоа ќе значи кампања.