На панел дискусијата на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика“ во општина Гостивар учествуваа Арбен Таравари, градоначалник на Општина Гостивар, Бесим Мемеди, претседател на Совет на Општината, Зоран Ангелов, координатор на советничка група на СДСМ, Марјан Силјаноски, советник од ВМРО-ДПМНЕ. Панелот го модерира Џабир Дерала, ЦИВИЛ.
Градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари, се осврна на тоа да се искористи можноста да се попише населението, бидејќи ни требаат точни бројки.
„Јас ќе почнам прво како граѓанин, државата мора да има и добро е да има попис бидејќи од 2002 немало друг попис, иако почнаа во 2011 но не се разјаснети причините зошто се стопираше тој процес. Како градоначалник многу ми е битно да се спроведе пописот бидејќи имаме училишта градинки патишта и други работи кои планира да се спроведат тие работи, но мора да се преброиме колку сме за да знаеме како да планираме понатамошно повеќе градинки, училишта. Треба да се видат по селата колку граѓани има и да планираме тие деца каде да учат“, рече Таравари.
„Мора да знаеме колку сме за да можеме да се развиваме. Не смее на ниеден попис да му се даде политичка конотација. Пописот ќе каже колку се дома колку се во странство повеќе од 12 месеци. Отселувањето на младите кадри за жал е многу големо и затоа мора да знаеме колку се отселени, на која возраст се и образованието нивно да го видиме. Во графата за етничка припадност секој ќе се попише како се чувствува“, изјави Зоран Ангелов, координаторот на советничката група на СДСМ.
„Кога почна пописот за дијаспората, граѓаните од надвор ме контактираа дека пописот е почнат многу хаотично. Ние помагаме како политичка партија да има успех во пописот за граѓаните што живеат надвор“, вели Бесим Мемеди, претседател на Совет на Општина Гостивар.
„Пописот е од суштинско значење, единствено што како партија не се согласуваме е да се одложи поради здравствената гледна точка“, додаде Марјан Силјаноски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Во согласност со мерките за заштита од Ковид-19, панел дискусијата се одржа без публика, која беше пренесувана во живо на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ.
Настанот е дел од проектот „Граѓански објектив“, финансиран од Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy) од САД.