Помина една тешка, а пред нас е уште потешка година
ЏАБИР ДЕРАЛА
Не грижете се, веќе е познато како ќе изгледа 2022 година. Светот ќе продолжат да го тресат постојните кризи, веројатно уште посилно. Проблематичниот процес на вакцинација во сиромашните држави ќе им даде замав на новите варијанти на КОВИД. Демократијата и демократските процеси во светот, како и во 2021 година, ќе бележат надолни трендови, отстапувајќи пред наездата на насилството, кршењето на човековите права и деспотските режими. Извештајот на Фридом Хаус 2021, констатира дека „меѓународниот баланс се помести во корист на тиранијата“.
Постојни и нови кризи
Освен постојните, ќе се разгорат и нови кризи, меѓу кои енергетските, климатските и воените криза ќе се чувствуваат на секоја педа од планетата. Несигурноста, сиромаштијата, недостатокот од храна и распадот на здравствените системи под ударот на пандемијата и на сите останати фактори, ќе се продлабочат и ќе ги погодат дури и најсилните и најбогатите. За помалите и сиромашните, оваа година ќе биде тешка на сите можни начини што може да се замислат.
И цените на нафтените деривати ќе растат. Енергијата, мигрантите, пандемијата, економијата и пропагандата ќе бидат оружје за пресметка меѓу конфронтираните страни.
Дезинформациите и теориите на заговорот ќе продолжат да ги разградуваат општествата. Тие ќе им дадат „крилја“ на радикалните структури насекаде низ светот. Со тоа, ерозијата на демократијата и демократските институции ќе се забрза и ќе се прелее на улиците. Оружјето ќе стане секојдневен „одговор“ на проблемите, со што дијалогот ќе биде истиснат од опциите за комуникација меѓу страните во споровите и конфликтите. Оставаме една тешка и мрачна година, но следната ќе биде уште потешка.
Фрагилни и пропаднати држави
Од фрагилни, голем број земји ќе преминат во состојба на пропаднати држави (failed states). Повеќето се држави во Африка, Азија и Блискиот Исток, но и Европа се наоѓа на патот на овој бран (читај: Западен Балкан).
Според глобалниот Индекс на фрагилни држави, „неопходен предуслов за отпорност е залиха на социјален капитал. Земја што не може да преземе колективна акција, популација што не е спремна да ја сподели жртвата – не може да биде отпорна, без оглед на тоа колку е добра економијата или колку доктори и респираторни апарати може да има.“ Бравурозна констатација, вреди да се запомни.
Хибридната војна меѓу Истокот и Западот
Хибридната војна меѓу Истокот и Западот влезе во нова, пожестока фаза. Од конфронтацијата меѓу САД и Кина веќе се наѕираат и првите последици. Во 2022 година, кинеската економија ќе ги покаже првите посериозни знаци на нестабилност, а тоа секако ќе се одрази на голем број економии во целиот свет.
Светот во овој момент одбројува денови до можната агресија на Русија врз Украина. Тоа ќе биде војна што нема да се задржи само во тој регион. Целиот свет ќе биде погоден од речиси извесниот воен конфликт.
А Северна Македонија?
Во споменатиот индекс на фрагилни држави, Северна Македонија се наоѓа на 108-мо место од 179 земји кои влегуваат во истражувањето. Но тоа нема потреба да ги загрижува ниту политичарите, ниту општествените фактори. Ние и онака живееме на друга планета. Каде што граѓанките и граѓаните се спремни заеднички да ги поднесат жртвите. Тие се медиумски и политички описменети и свесни. Иако се сиромашни. Политичарите се одговорни, корупцијата е искоренета, а сите предизвици се дочекуваат со план и стратегија чија имплементација е беспрекорна. Хм…
This post is also available in: English