Новинарите се гласот на немоќните!

пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ

Новинар(к)ите не се само држачи на микрофони, како што се добива(ше) впечаток во јавноста, напротив, новинарите се ноќна мора на корумпираните политичари, бизнисмени, рекетари, на институциите кои не работат како што треба…

Новинарите се гласот и очите на невидливите, на тивките, на немоќните, на социјално-загрозените, на работниците, на геј популацијата, на бездомниците, на болните на кои им е потребна итна операција или лекување, на жените кои се жртви на семејно насилство…

Токму новинарите им се „трн во око“ на оние кои милуваат да го прекршат законот, да манипулираат со вистината, да ги заплашуваат граѓаните, да поткупуваат гласачи, да прават изборни нерегуларности, и затоа често новинарите се мета на напади, за жал некогаш и физички.

Но, во изминативе 2-3 години ситуацијата е поразлична од пред десетина години кога новинарите пред да постават прашање прво мораа да му се извинат на соговорникот па со страв да го прашаат веќе подготвено прашање. Сега ситуацијата е различна, се поставуваат секакви прашања без пардон. Некогаш новинарите се мета на потсмев за „смешните прашања“ што им ги поставуваат на политичарите, меѓутоа првата новинарска лекција е дека „Нема глупави прашања, има глупави одговори“.

Се додека новинарите поставуваат дури и „глупави прашања“ тогаш сме на добар пат кон слободни медиуми, лошо е кога некои центри на моќ (како во минатото) ќе им дадат подготвени „паметни прашања“ на новинарите да им ги поставуваат…

Далеку сме од целосно сободни медиуми, но сме на добар пат.

 


По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, сите содржини објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ на овој ден се достапни за објавување според лиценцата Creative Commons 4.0.