Нови 18 обработени случаи на изборни нерегуларности нотирани од мониторинг тимовите на ЦИВИЛ

Членовите на Избирачкиот одбор (ИО) во ИМ 2932 во Бутел се зафатени со јадење и пиење, така што проверката со УВ ламбата им е последна од грижите. Проверуваат секој втор или трет гласач со УВ ламбата.

https://www.facebook.com/watch/live/?v=2695037060779250&ref=external

Во ИМ 2582/1 во Ѓорче Петров нема средства за дезинфекција.

На повеќе ИМ на граѓани коишто имаат нова лична карта (издадена во претходните 2 недели) не им се дозволува да гласаат бидејќи ги нема во избирачките списоци. На граѓаните не им се даваат инструкции како понатаму да постапат. Овој случај се регистрира на избирачките места: 2930 во Бутел и ИМ 2611, 2593/1 и 2628 во Карпош.

На ИМ 9741 се бележи прекршување на протоколите за асистенција при гласање. На граѓанка со попреченост на видот ѝ било оневозможено да гласа со асистенција.

Во Гази Баба, во ИМ 2498 партиски надбљудувач седи до Претседателот на ИО. Кога надбљудувачката на Цивил побарала информација кои се присутните и во кое својство, партискиот надбљудувач и претседателот на ИО дрско ѝ одговориле со зборовите „Па баш на ЦИВИЛ ништо не им кажувам“.

„На ЦИВИЛ не морате ништо да му кажете. ЦИВИЛ сѐ знае“ – на шега коментираше претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала кој ги водеше првите две прес конференции од почетокот на изборниот ден.

Понатаму, мониторингот на ЦИВИЛ, соопшти и дека на избирачки места 2500 и 2506 во Гази Баба на глас се читаат имињата на гласачите.

На ИМ 2695 не работат УВ ламбите, но гласањето не е прекинато.

Во ИМ 2704 во Аеродром, партиски надбљудувач го повредува правото на тајност на гласањето, бидејќи седи веднаш зад параванот и гледа за која опција гласаат граѓаните.

На ИМ 2809, на една граѓанка ѝ дале гласачко ливче, ја испрскале со спреј и, пред да гласа, Избирачкиот одбор утврдува дека ја нема на Избирачкиот список. Гласачкото ливче ѝ го одземале и не и дозволиле да гласа. Избирачкиот одбор ја упати да се јави до Општинската изборна комисија и дека „таа е виновна што ја нема на списокот“.

Членови на партија нудат и вршат превоз на болни и изнемоштени на ИМ 1351 и 1354 во Прилеп.

Две лица со кеси со сендвичи, сокови и слатки и им го поделиле на членовите на ИО на ИМ 2690, 2691 и 2692 во Аеродром со зборовите: „Знаете од кого е поздравот!“

Следната прес конференција е во 13 часот и ќе биде на македонски и албански јазик. До крајот на денот, прес конференции ќе се одржат во 16, 18 и 22 часот. Веднаш по завршувањето на прес конференцијата во 22 часот, ќе се одржи панел дискусија за оценка на изборниот процес, со учество на членови на тимот на ЦИВИЛ, како и Сашо Орданоски, Јасна Бачовска Висар Адеми. Сите медиуми се добредојдени да ги преземаат видео содржината и извештаите на ЦИВИЛ. Прес центарот на ЦИВИЛ на 15 јули е во хотел Порта, Аеродром. Организацијата обезбедува бесплатен такси превоз за сите новинарски екипи до хотелот (потребно е да се приложи уредна сметка). Во прес центарот ќе биде обезбеден и простор за новинарските екипи за работа, закуска и освежување.

ЦИВИЛ Тим за комуникации