Некогашната општинска зграда во с.Облешево, во која пред четири децении беше сместена амбуланта во која повремено имаше општ лекар и постојана медицинска сестра, денеска е вистинска руина.
Години наназад таму беше сместена и матичната служба. Внатре колку дозволуваат можностите беше средено и чисто и околу зградата имаше тревник. Најважно од сé секој викенд беше весело затоа што младенците од сите свадби склучуваа брак баш во оваа матична служба.
Сето тоа помина, остана само руина во која живее едно ромско семејство на работ на егзистенцијата, брачен пар со пет деца. Живеат само на социјална помош. Материјална помош во прехрамбени пакети и вода добиваат предизборно од општината. Условите во кои живеат се мизерни, без вода, канализација, со искршени врати и прозорци.
Значи оваа зграда подобро и да не постои затоа што е потенцијална депонија и гнездо на бактерии, а непосредно до неа се наоѓа детската градинка "Кокиче". Ветувањата од актуелниот градоначалник никако да го видат светлото на денот.
Јасмина Арсова