Видео од контраверзниот новинар Зоран Василевски познат како „Зоки Фаци“, во кое наводно се гледа негово учество во сексуален акт со друго машко лице, се ширеше масовно вчера на социјалните мрежи. Видеото предизвика лавина на коментари, голем дел од кои со навреди и говор на омраза на сметка на сексуалната ориентација на Василевски. Тој на социјалните мрежи демантираше дека се работи за вистинска снимка, а набргу потоа ги исклучи профилите на социјалните мрежи.
Иако Василевски и преку одредени медиуми излезе со демант дека видеото е само една добра видео монтажа, коментарите полни со тешки навреди и говор на омраза не стивнуваат дури ни денеска.
Вакви коментари и објави се најдоа и кај познати и влијателни личности. Актерот Сашо Тасевски, на пример, во текот на вчерашниот ден имаше серија објави на негоиот Фејсбук профил, со навредливи контексти и зборови за Василевски и видеото. Објавите, иако неповрзани, беа ставени и во контекст на воведувањето на сексуалното образование во училиштата, Под овие објави се редеа коментари на следбениците на Тасевски полни со навреди и омраза.
Сличен пристап имаше и сатиричарот и инфлуенсер Иљче Затаракоски, кој пак ова видео, иако неповрзано на ниту еден начин, го стави во контекст на навредување на луѓе кои се хонорарно ангажирани во Владата на Северна Македонија.
Слични објави со експлицитни навреди и говор на омраза беа забележани и на Твитер, во што предничеа анонимни профили, кои вообичаено споделуваат содржини полни со говор на омраза. Коментарите беа користени и за напад и генерализација на цели професии, како новинарството.
ЦИВИЛ уште еднаш упатува порака до сите медиуми и јавни личности да се воздржат од коментирање и ширење на говор на омраза кон други личности и кршење на елементарни човекови права, во кои спаѓаат и заштитата на приватноста, како и на угледот и достоинството на секој граѓанин и граѓанка за земјата.
Воедно, ЦИВИЛ ги повикува надлежните органи, особено Обвинителството, да постапат ефикасно и брзо кон потенцијалните нарушувања на приватноста и приватната коресподенција, како и кон експлицитните објави со говор на омраза и повици на насилство кои претставуваат кривични дела, а кои се објавуваат и организирано се шират секојдневно на социјалните мрежи.
ЦИВИЛ Мониторинг тим