Покрај ветувањата на Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити за модернизација на Бит-Пазар во март 2013 година до денеска на Бит-Пазар нема никаква промена.
“Ги земавме предвид сите фактори, сите елементи за да го зачуваме Бит-Пазар и да создадеме модерни услови, услови со стандарди кои ќе бидат подобри за тезгаџиите, граѓаните кои го посетуваат Бит-Пазар и секако архитектурата на новиот проект да одговара на старата Чаршија“, вака градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, го најави реконстрирањето на пазарот пред четири години.
Проектот за модернизацијата на Бит-Пазар, не само што не почна да се гради за три месеци, како што најави Меџити, тој не започна ни по 4 години.
“При крај се процедурите за донесењето на урбанистичкиот детален план, малку задоцни поради донесувањето на нов генерален урбанистички план, што значи треба да се донесат нови планови. Мислам дека ако не завршиме со процедурите наскоро, некаде од април или мај, градежните работи ќе може да започнат“, изјави Меџити една година по најавувањето на проектот односно во 2014 година.
Промовираниот проект со години однапред предвидуваше мобилизација на пазарот и поместувањето на продавачите од улица во пазарот, во една зграда од два спрата од осум илјади квадратни метри, каде што беа предвидени и паркинг места.
Од помпезно најавуваниот проект на Меџити останаа само празните зборови. Продавачите велат дека во Бит-Пазар условите се многу лоши, а нивните производи често пртрпуваат штети поради временските прилики.
Вулнет Махмути