ИВЗ пишман – аџија
Исламската верска заедница привремено го повлекува ултиматумот, за да не бидат политички злоупотребени во пресрет на претседателските избори. Порачаа дека нема уцена, но има дискриминација.
Од ИВЗ повикаа за надминување на проблемите, откако вчера премиерот Зоран Заев рече дека зад писмото на исламската верска заедница гледа лични интереси, и дека како и сите други религиски заедници и ИВЗ треба правдата за имотите да ја бара на суд.
Раководството на ИВЗ не се откажува од денационализација на имотот, битка која ја водат веќе 20 години.
Пред неколку дена ИВЗ и Владата влегоа во отворен конфликт, преку медиумите за прашања за кои подолг период имале недоразбирања. Владата на Република Северна Македонија јавно го соопшти одговорот упатен до раководството на Исламската верска заедница и до Реисул Улема х. Сулејман еф. Реџепи, после добиено писмо од ИВЗ кое содржи вид на уцени, закани и ултиматуми за предмети за кои се водат постапки пред надлежните институции.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по ултиматумот од ИВЗ, порача дека не прифаќаат никакви уцени.
„Ова писмо од ИВЗ е уцена. Ние порачуваме дека не гледаме поинаков начин за решавање на проблемите освен разговарање и работа како разумни луѓе“, изјави Спасовски.
Заев и Мицкоски сепак ќе дебатираат
Иако премиерот Заев на вчерашното гостување на трибината „Фер општество, шанса за сите“ во Куманово, за Мицкоски рече дека е тешко да се дебатира со него бидејќи бил неодговорен и дека за многу важни работи не помага на државата, сепак ја прифати понудата за тв-дуелот во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.
Во најавата на Канал 5 велат дека ТВ дуелот ќе трае 100 минути, со ограничување на одговорите на прашањата во времетраење од 2 минути и соговорниците ќе имаат можност за размена на реплики и контра-реплики.
За Груби поддршката за Пендаровски ќе им донесе гувернер Албанец
Принципот на консензуалност ќе ни донесе гувернер на НБРСМ да биде Албанец, изјави пратеникот на ДУИ, Артан Груби, на гостувањето во емисијата „Click Plus“ на ТВ 21.
„Како што Талат Џафери стана прв министер за одбрана, Агим Нухиу прв министер на МВР, народниот правопранител е Албанец, така ќе успееме да имаме и Гувернер“, рече Груби.
Тој додаде дека во 2014 година, Стево Пендаровски бил партиски канидат на СДСМ, додека сега неговото кадидирање било концепт кој ќе го промовира ДУИ.
Мониторинг на ЦИВИЛ
ЦИВИЛ будно ги следи состојбите на теренот и веќе констатира низа недоследности, нерегуларности и негативни појави во овој изборен процес.
Како и секогаш, ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, својот мониторинг во голема мерка го заснова на пријавите од граѓанките и граѓаните, граѓанските новинари и стотиците поддржувачи и членови на организацијата низ целата земја. ЦИВИЛ потсетува дека секоја информација во овој период е важна. Не постојат информации што се неважни. Затоа, независно во кој формат да пристигнат: фотографија, видео, постови на социјални мрежи и друг вид комуникации, лично сведоштво или случка, се добредојдени.
Граѓанските новинар(к)и ни ги даваат најдобрите, најбрзите и најрелевантните информации од теренот, бидејќи се наоѓаат на лице место. Тоа се луѓето кои можат да откријат говор на омраза, поткуп, корупција… За тоа е доволно да имаат телефон со себе и да снимаат, фотографираат или напишат порака на нашите онлајн алатки за пријава на нерегуларности или злопупотреба.
Ангела Петровска