На Конференцијата „Меѓу стремежите и реалноста“ која е дел од активностите за одбележување на 20 годишнината на ЦИВИЛ, зборуваше и Ибрахим Мехмети, Швајцарската амбасада/СДЦ, за потребата под постојана комуникација на граѓанските организации со граѓаните.
„Ме потсетивте дека кога почнувавме да работиме во овој сектор, зборувам од своја перспектива, ако се сложат другите ветерани, немавме некоја претстава што значи граѓанско општество. Знаевме дека има невладини организации што се поддржани од меѓународната заедница. Почнавме да работиме нешто што сакавме да го правиме без да ја знаеме големата слика.
Ако се навратиме години наназад, по повод роденденот на ЦИВИЛ, мислам дека граѓанскиот сектор беше на едно многу елементарно ниво на развој. Она што за мене беше главниот проблем сите овие години, особено во последните пет, шест години, е што граѓанските организации беа насочени да работат нешто што се очекуваше од нив да го работат, но повеќе од страна на донаторите отколку што тоа го очекуваат граѓаните. Мислам дека тоа беше најголемиот проблем.
Тоа што тие требаа да дадат отчет пред донаторите ги направи да бидат многу добри во работењето. Сега имаме веќе една плејада на невладини организации што имаат капацитети споредливи и со меѓународни организации. По природа на мојата работа имам и такви искуства, па овие организации сега можат да спроведуваат проекти што порано сме мислеше дека само организации од меѓународната заедница можат да го спроведат тоа. Она што фалеше постојано беше што немаше допир меѓу граѓанските организации и граѓаните. Имавме извонредни продукти од граѓанските организации, но на терен работите не се менуваа.
Швајцарската амбасада работи веќе десет години активно на програмата за поддршка на граѓанскиот сектор и дојдовме до заклучок дека фали таа врска меѓу граѓаните и граѓанскиот сектор. На пример, како што претходно зборуваа од Еко Герила, ако ги нема нивните поддржувачи, нивните акции ќе бидат само материјал за вести, но нема да бидат причина за некаква промена или грижа кај политичарите. Затоа тргнавме со конкретни мерки, институционална поддршка. Не сакам ова да звучи како реклама за нашата програма, но мислам дека е многу важно за граѓанскиот сектор затоа што им се дава поддршка за тоа што тие сакаат и знаат да го прават, а не тоа што на донаторите им треба или мислат дека треба да се прави во Македонија. Мислам дека имаме добри резултати, иако е уште рано да се зборува. Се надеваm дека и другите донатори ќе го поддржат овој пристап.
Ние веќе видовме дека тоа функционираше за време на Шарената Револуција, некогаш е потребен повод за сето тоа да се случи, но сепак мислам дека имаме напредок. Пред и после Шарена Револуција имаме две ситуации. Сега веќе сме во втората фаза каде што граѓанските организации се активен чинител во креирање и менување на политики кога тоа е можно и потребно.
Иако поради природата на мојата работа не би требал да бидам многу експлицитен во оценувањето на работата на ЦИВИЛ и доделување придавки, бидејќи би било конфликт на интереси, сепак ќе кажам дека ЦИВИЛ е еден пример на организација која што и пред ние да ги започнеме овие политики за зајакнување на граѓанските организации да бидат поблиски до граѓаните, тие веќе го правеа тоа од самиот почеток. Можеби поради нивната активистичка и бунтовничка природа во одредени моменти. Тоа ги направи еден добар пример за автентична организација која ќе чека да види што сакаат донаторите па да аплицираат, туку го прават она што е нивен повик, мисија или задача што самите си ја задале.
Мислам дека направија добра услуга не само на себе и нивните поддржувачи, туку и на другите организации, бидејќи можат да бидат еден пример дека се исплати таква упорност во терање на сопствената агенда. Се надевам дека и така ќе продолжите.“
обработка на текст и монтажа: Б. Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Фотографија: Кирил Михаилов