пишува: МАЈА ИВАНОВСКА
Кога станува збор за слободата на медиумите и одбележувањето на Светскиот ден за слободата на медиумите важно е да се напомене дека слободата на известувањето е најважниот сегмент врз кој почива градењето на демократските општества. Исто така, многу е важно да се сфати дека медиумската сфера не е изолиран систем кој може да функционира без соработка со државата и општеството. Слободата на медиумите се гради преку изградбата на стабилни, транспарентни и одговорни институции, стабилна држава во која владее правото. Или поинаку кажано, степенот на слободата на медиумите е сликата за состојбата во општеството и степенот на демократија во една земја.
СКОК ЗА ТРИ МЕСТА НА ИНДЕКСОТ НА СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ
Овогодинешниот индекс на Репортери без граници во однос на Република Северна Македонија бележи раст за три места погоре на Светската листа на слободата на медиумите за 2020 година. Според извештајот, ова пред се се должи на самоорганизирањето на новинарите и медиумските работници.
Саморегулацијата, работните стандарди на професионалните новинари, создавањето на регистар на професионални медиуми, отстранувањето на државното рекламирање во медиумите, нешто што претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ го користеше како алатка за контрола на медиумите, Повелбата за услови за работа на новинарите со нацрт договор за фер вработување во дигиталните медиуми која се обврзува да ги почитува правата на новинарите и слободата на изразување, се дел од достигнувањата кои Репортери без граници ги посочуваат како главни причини за искачувањето на земјата на скалата на слободни медиуми.
РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ, КРИТИКИ: ЗАКАНИ КОН НОВИНАРИТЕ, ЗАПРЕНИ РЕФОРМИ НА МРТВ, АВМУ
Изминатата година не се констатирани физички напади врз новинари, но традиционалните закани и навреди од високи функционери кон новинарите и медиумските работници и понатаму се присутни. Од она што го констатираат Репортери без граници, за сметка на намалувањето на физичките напади, во пораст се сајбер-нападите.
Една од главните критики во овогодиниешниот извештај на Репортери без граници е запрениот процес на реформи на Националниот сервис МРТВ. Имено, процесот за избор на нови членови на Програмскиот совет е блокиран повеќе од една година во Комисијата за избори и именувања во Собранието на РСМ. Спротивно на барањата на новинарските здруженија во земјата, но и меѓународната јавност, за откочување на овој процес, Програмскиот совет на МРТ (кој во извештајот е оценет како совет кој работи во полза на поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ) чиј мандат е истечен во декември минатата година, во јануари донесе одлука за распишување на јавен конкурс за избор на членови на Надзорниот одбор на јавниот радиодифузен сервис.
Во таа смисла, не е проблематично само тоа што овој практично непостоечки совет избира нови членови на Надзорниот одбор, туку проблем е што овој нов Надзорен одбор треба да врши контрола на материјалното и финансиското работење на јавниот сервис во идните години, со што се прекршуваат препораките на Советот на Европа, кои се однесуваат на гарантирање на независноста на јавните сервиси, односно, дека членовите треба да бидат избрани од тело предвидено со закон на начин со кој ќе се избегне ризик од политичко или друго влијание.
Конкурсот на Програмски совет на Македонската радио телевизија за избор на членови на Надзорен одбор на МРТ формално не може да се спори, бидејќи Собранието со последните измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, усвоени кон крајот на 2018 година, им го продолжило мандатот на членовите на Програмскиот совет до изборот на новите членови.
Членот 43 од овие измени и дополнувања на законот за АВМУ е многу јасен и не остава никаков простор за различни толкувања. Друго прашање е дали изборот на новиот Надзорен одбор на МРТ ќе биде легитимен, бидејќи е избран од орган на кој, практично, му е истечен мандатот.
Во однос на забелешките за реформите во националниот радио-телевизиски сервис, од Владата посочуваат дека реформите не се реализирани поради блокадите од страна на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот.
СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТ: НАПРЕДОК, НО И ПРОВЛЕКУВАЊЕ НА СТАРИТЕ ПРОБЛЕМИ, НАПАДИ ВРЗ НОВИНАРИТЕ, НЕКАЗНИВОСТ...
Напредокот на Северна Македонија во однос на почитувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување е забележан и во годинешниот Извештај на Стејт Департментот за почитувањето на човековите права во земјата за изминатата 2019 година.
Во извештајот се вели дека земјата постигнала напредок во почитувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување, но се констатираат и проблеми кои се провлекуваат со години наназад.
Во извештајот се нотирани речиси сите посериозни напади врз новинари во последните две години, а како еден од најголемите проблеми истакнат е проблемот со неказнивоста за насилствата врз новинарите. Посебно внимание во овој извештај на Стејт Департментот имаат заканите, етикетирањата и заплашувањата на новинарите од страна на политичарите.
ПССЕ: ОХРАБРУВАЧКИ НАПРЕДОК, НО И НАПАДИ И НЕКАЗНИВОСТ
И Извештајот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) посветен на Заканите за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Европа, бележи намалување на притисокот врз медиумите и новинарите во Северна Македонија.
„Треба да го поздравиме охрабрувачкиот напредок постигнат во Северна Македонија, каде притисокот и гонењето на новинарите значително се намалија“, стои во докумeнтот.
За ситуацијата во Северна Македонија во извештајот на ПССЕ се нагласува дека на 18 февруари 2017 година, двајца новинари на порталот А1он, Александар Тодевски и снимателот Владимир Зелчевски, беа претепани во Скопје додека покриваа демонстрации пред парламентот. Новинарот на НоваТВ, Борјан Јовановски, бил навреден и плукан во лицето. На 27 април 2017 година, за време на националистичка демонстрација во Скопје беа нападнати Димитар Тануров, новинар на интернет-новинската агенција Мета и Никола Ордевски, снимател на новинската агенција „Макфакс“. Вкупно на 21 новинар им биле упатени закани или им било попречено известувањето на местото на настанот. Има случаи и на закани и вознемирување на Твитер, Фејсбук, итн.
„Поранешниот лидер на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ги опиша своите противници како предавници, покрај серијата напади врз медиумите во февруари 2017 година. Двајца новинари беа претепани на 28 февруари 2017 година во Скопје и никој не беше гонет“, се наведува во извештајот.
За тоа каде бевме и кон каде одиме, неодамна пишуваше и новинарот Петрит Сарачини, по објавувањето на силната порака од Парламентарното Собрание на Советот на Европа за охрабрувачкиот напредок и значителното намалување на притисокот врз новинарите и медиумите во Северна Македонија.
САЈБЕР НАПАДИТЕ СЕ НОВАТА ЗАКАНА ЗА СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ
Она што ЦИВИЛ во изминатиот период го констатира како заклучок од постојаниот мониторинг на општествено-политичките случувања во земјата е дека напредокот во однос на слободата на медиумите и слободата на известувањето е неспорен. Она што загрижува и што мора сериозно да се сфати и на што мора да му се посвети особено внимание се хибридните закани кои, за жал, земаат се поголем замав како во земјата, така и во светот.
Сајбер- нападите веќе долго време се присутни во нашето општество, но порастот на ваквиот вид закани е особено забележлив во предизборието кога овие напади ја доживуваат својата кулминација.
Зачестените сајбер напади врз интернет медиумите во земјата во предизборниот период беа причина за панел дискусијата „Сајбер напади – предизборно оружје“ која ја организираше ЦИВИЛ во февруари годинава.
Што претставуваат сајбер нападите? Која е нивната цел? Дали и колку се злоупотребуваат за политички цели? Како сајбер нападите влијаат врз активистите и активизмот воопшто? Постојат ли механизми за заштита? Дали неказнивоста на хакерите во Македонија ја прави земјата погодно тло за ширење на ваков вид на напади? – беа дел од прашањата на којшто организацијата заедно со гостите панелисти се обиде да даде одговори.
„Ако имате ситуација во која Слободен печат или ЦИВИЛ Медиа се нападнати тоа не е преголема катастрофална последица, но ако се напаѓа системот, тоа може да однесе човечки животи. Тоа е рамно на терористички акт“, истакна Џабир Дерала, ЦИВИЛ.
Како еден од главните проблеми кои говорниците на оваа панел дискусија ги посочија е токму неказнивоста за ваквите напади.
„Сајбер нападите се глобален проблем, ги има насекаде, особено се насочени кон медиумите, а колку е еден медиум е помал, полесно е да му се наштети и потоа да се избрише истиот. Такво нешто не може да се случи со поголеми компании, како што е примерот со Фејсбук. Тука не станува збор само за технички аспект. Сајбер нападите влијаат и на општеството, наштетуваат и предизвикуваат стрес и болка кај луѓето. Досега не сум видел некој кај нас да одговара за ваквите напади, за вакво злосторничко здружување“, изјави Ермин Климента.
ЛАЖНИ ВЕСТИ
Речиси истовремено со развојот и експанзијата на сајбер нападите врз медиумите како нова закана врз слободата на известувањето, во нашата земја, но и пошироко во светот уште еден феномен добива свое значајно место во групата на хибридни закани.
Лажните вести од пропагандистичките кујни не само што станува невозможно да се проследат во сиот нивен лажен сјај, туку многу често токму под превезот на слободата на медиумите ја шират својата пропаганда која понатаму и далекусежни последици не само во нашата земја, туку и во светот.
„Едно од главните правила во пропагандата е кој ја контролира пораката, кој го контролира темпото, кој ја има иницијативата. Наметнувањето теми во јавноста – какви и да се тие – се дел од таа стратегија. На пример: јадете лук мешан со дренки – лечи против корона!
Не е дури ни важно како и колку, правовремено или задоцнето, ќе се успее со официјални или лични деманти на тие злобни конструкции. Не е дури ни важно дали нивните гласноговорници се претходно осудувани за клевети и навреди и ширење лаги. Во време на интернет, тие си имаат своја бројна публика која ги шерува и лајкува, која лечи лични и политички фрустрации „низ“ нив, која функционира според принципот „Виде како му кажа!? Алал да му е!“ и слично.
Тие се дел од новата медиумска реалност во светот и тука речиси и да нема лек. Речиси…“, пишува Сашо Орданоски во една од своите колумни.
СЛОБОДНИ ИЗБОРИ НАСПРОТИ ЦРНАТА ПРОПАГАНДА
На панел дискусијата „Слободни избори наспроти црната пропаганда“ која ја организираше ЦИВИЛ, заменичката министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска зборуваше за хибридните закани врз демократијата, но и за неодамнешниот скандал со наводите кои ги изнесе словенечкиот портал Нецензурирано, за слевање на 2,5 милиони евра во пет медиуми во Македонија.
„Со право темата на хибридни закани станува актуелна особено во предизборието. Хибридната војна не е ништо ново во демократските земји во светот. Повеќе или помалку хибридните закани може да добијат дополнителен облик . Тоа значи дека некоја страна, во или надвор од државата, има некаков интерес да направи напад врз некој сегмент од општеството“, рече Петровска.
Националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата, Марјан Забрчанец, зборуваше за Националната стратегија за комуникации и за тоа колку Владата има волја да се справи со овие немили појави со кои се соочуваме во изминатите години.
„Владата е сериозно алармирана од појавата на црната пропаганда и сметаме дека во моментов во општеството постои можност за бунт насочен кон дезинформациите“, истакна Забрчанец.
Тој изјави дека ширењето лажни вести повеќе не е мејнстрим политика, црната пропагандата не е мејнстрим политика.
„Сега гледаме едно поинакво однесување од оној период во кој бевме навикнати на нешто друго. Има сериозна промена во општествениот амбиент. Политиките на црната пропаганда се туркаат кон маргините на општеството. Секој може да зборува слободно и гласно, да ја критикува и власта и оние кои се дрзнуваат да шират дезинформации“, вели Забрчанец.
Универзитетската професорка Јасна Бачовска, вели дека проблемот со лажните вести и пропагандата е голем и глобален проблем и во меѓународната политика.
„Имајќи предвид сè што се случуваше за време на референдуот и претседателските избори не верувам дека овој пат ќе биде нешто поразлично. Политичките партии може да направат многу, односно да ја канализираат политичката дебата на социјалните мрежи. Мислам дека треба да покажат ниво на политичка одговорност. Но, знам нема да покажат. Гледаме каква реторика се артикулира. Гледајќи ја таа реторика, тоа ја навестува целата прљавштина која ќе се артикулира во наредниот период“, смета Бачовска.
Она што мониторинг тимовите на ЦИВИЛ го забележуваат во своите извештаи е фактот дека пропорционално со зголемувањето на бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, се зголемува и бројот на медиуми и организации кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор. Еден од пионерите во оваа област е токму ЦИВИЛ кој веќе со години работи на проектот „Граѓански објектив“ од времето кога медиумите во земјата беа комплетно замолчени и под стегите на режимот на Груевски, па се до денес, кога слободно и ни малку скромно можеме да заклучиме дека голем дел од граѓаните веќе знаат и ги препознаваат овие хибридни закани по демократијата, општеството и човековите права.
ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ, НО И ДА НЕ СЕ ЗАБОРАВИ
Далеку од тоа дека 92. место на скалата на Репортери без граници е нешто на што треба да се радуваме и да го посочуваме како огромен успех, бидејќи како и се останато во оваа држава работите се движат бавно. Но процесите се започнати и она што е најважно во овој миг е не само да ја продолжиме традицијата од последните три години кога полека но сигурно се искачуваме на ова скалило, туку и да се осигураме дека нема повторно да си дозволиме пад на слободата на медиумите.
Има тука уште многу што да се направи и додаде. Факт е дека властите не се оние кои можат ама баш се да ни пружат на тацна. Но добро е да се препознае нивната волја за соработка и ослободување од стегите кои долго време ги држеа граѓаните на оваа земја во медиумски мрак.
За оние кои подзаборавиле, овој 3 мај, им го честитаме со потресните сведоштва на Емел Рамковска, Томислав Кежаровски и Велија Рамковски. Нека тие бидат потсетување за тоа што треба да правиме и како треба да постапуваме во одбрана на професијата! Догодина уште послободни и погласни!
ЕМЕЛ РАМКОВСКА
ТОМИСЛАВ КЕЖАРОВСКИ
ВЕЛИЈА РАМКОВСКИ