Масовни медиуми или јавни гласила е поим што се користи за медиумите кои допираат до многу голема публика(регионално, на државно и глобално ниво). Терминот започнал да се употребува од 1920 година со појавата на националните радио-мрежи и весниците со масовна дистрибуција. Публиката на масовните медиуми е разгледувана од некои теоратичари како масовно општество со посебни особини, меѓу кои атомизација и недостиг на општествени врски, што ги прават посебно подложни на влијанието на модерните мас-медиумски техники како рекламирањето и пропагандата.
Мас-медиумите би требало да бидат објективни, реални и прецизни во пренесувањето на информациите. Контролата која се вршти врз самите масовни медиуми (радио, телевизија, печатот и во поново време интернетот) ја пишува модерната историја и во одредена мера ја креираат и диктираат новите светски трендови.
Влијанието врз самите медиуми, директно влијае на публиката што ги следи. Како што медиумите влијаат врз секојдневниот живот на современиот човек, така и самите медиуми се подложни на одредени влијанија. Влијанијата можат да доаѓаат од различни страни. Самите новинари, нивните уредници, главниот уредник, а во крајна мера и сопственикот знае да „замеша прсти“ во политиката на медиумот и да се определи чии „интереси“ ќе застапува на краткорочен или долгорочен план.
Прекумерното влијание врз самиот медиум доведува до контрола над самиот медиум, која во најголем дел од случаите се злоупотребува за прикривање на вистината или пропагирање на една страна.
Контролата врз медиумите со текот на годините и покомплицираниот начин на живот и општествени обврски расте од ден на ден. Контролата врз медиумите (мас-медиумите) е од витална важност на секоја формална и неформална организација(политички партии, лоби-групи, граѓански здруженија итн.) ако сака да дојде до својата цел.
Моќта може да се дефинира како способност или сила со која се соборува некој физички објект, или пак како власт, влијание или можност за управување во општествено-политички смисол. Моќта во одреден домен претставува и „нелегитимна власт“, затоа што моќта за разлика од власта не се добива во согласност од мнозинството, туку по пат на надмудрување, способности , вештини...
Прекумерната моќ најчесто се злоупотребува за сопствени интереси или интереси на одредена група, со што многу лесно може да се изманипулира одредена група на граѓани, а понекогаш и целокупната маса.
На крајот самите треба да си го поставиме прашањето колку нашите извори на информации се вистинити и легитимни и дали секоја информација или вест која ќе ја слушнеме треба да ја прифаќаме како апсолутна вистина или треба да имаме доза на сомневање и да ја провериме од повеќе различни извори на информирање.
Давид Стојановски