Повикот на ЦИВИЛ до своите членови, поддржувачи, соработници и сите заинтересирани граѓанки и граѓани да учествуваат во новата акција: Граѓански форум за учество во креирање на владините политики допре до голем број граѓанки и граѓани, активисти и поддржувачи на организацијата. На нашите електронски адреси веќе пристигнаа голем број пораки со артикулирани барања до идната влада, коишто ќе ги објавуваме во наредниот период на медиумската платформа на ЦИВИЛ.
Граѓанската активистка Марија Пупулиева пишува:
Во изминатиот мандат од 3 и пол години, претходната Влада од сето она што го вети во предизборната кампања, оствари многу малку. Едно од главните ветувања беше дека ќе спроведе реформи во областа на правосудството, и дека сите оние кои се огрешиле пред законот ќе бидат соодветно казнети. Спроведувањето на реформи во правосудството беше еден од главните услови за добивање препорака за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ. Беше ветено дека ќе следи реизбор на судии и обвинители, меѓутоа ова воопшто не се случи, а ништо и од најавениот ветинг.
Согласно предизборната кампања, водена од сите политички партии учесници на предвремените парламентарни избори, клучни се реформите во правосудството и ефикасното справување со растечката корупција во земјата.
Поради тоа, од идната Влада очекувам конечно исполнување на ветеното, т.е ‘’владеење на правото’’ во вистинска смисла на зборот, што би се рекло неселективна правда за секого.
Ова подразбира дека очекувам правосудните органи конечно да дојдат вистински професионалци, а не партиски послушници. Исто така очекувам исполнување на ветувањето дека конечно ќе се спроведе ветинг во правосудството, и ќе се спроведе испитување на потеклото на имотот на судиите и обвинителите, како и на функционери во Министерството за правда, Советот на Јавни обвинители и Советот на судии. Доколку се утврди дека некој од истите се стекнал со имот на незаконит начин, истиот да биде изведен пред лицето на правдата, соодветно казнет, а нелегално стекнатиот имот му биде конфискуван.
Имајќи ја предвид праксата на соседните држави од соседните ЈУ простори, за избор на судии и јавни обвинители, со формирањето на Академијата за судии и јавни обвинители евидентно е дека истата не ги дава очекуваните резултати и продуцира неквалитетни кадри, па од тие причини сметам дека е потребно нејзино укинување. Сметам дека изборот на судии и јавни обвинители треба да се врши од редовите на истакнати стручни лица од областа на правото, кои би поседувале морален интегритет, би биле на возраст од најмалку 42 години, и зад себе би имале успешна кариера од најмалку 10 години.
Ова понатаму значи дека конечно треба да се раскрсти и со спрегите помеѓу носителите на судски и обвинителски функции и Адвокатурата, односно да се спречи влијание врз донесување на одлуки.
претходни објави на оваа тема: