„Меѓународниот ден на човековите права го прославуваме за да ја испратиме најзначајната порака дека сите луѓе се исти пред законот и сите имаат право на еднаква законска заштита. Целокупната работа на Министерството за правда е во насока на заштита и унапредување на човековите права, а особено значајна е еднаквоста пред законот“, истакна министерот за правда Бојан Маричиќ на Конференцијата за човекови права, правда и антикорупција „Следна Станица: Европа“, во организација на ЦИВИЛ, на 10 декември.
Маричиќ истакна дека поголема заштита на човековите права може да се обезбедат единствено со независни и непристрасни судови и обвинителства, кои ќе бидат ослободени од какви било влијанија.
„Се наоѓаме на самиот крај на подготовката на стратегијата, односно методологијата за прочистување на судството и обвинителството. Не случајно го спомнувам овој процес како еден од клучните за изградба и враќање на независноста и непристрасноста на правосудниот систем, што претставува основна претпоставка за владеењето на правото затоа што правдата значи заштита на човековите права.
Рецидивите од минатото, остатоците од „сваровски“ судството, попречувачите на правдата не може да бидат дел од правосудниот систем и да носат пресуди во име на граѓаните и не може да ги штитат и унапредуваат нивните права.
Потребно е да утврдиме временска рамка, односно рокови во кои ќе се изврши ова прочистување и ќе се одвојат чесните од нечесните судии и обвинители.
На 28 декември Советот за реформи во правосудството ќе ја усвои Методологијата по која ќе се изврши прочистувањето преку која Судскиот совет и Советот на јавни обвинители како одговорни тела ќе направат прочистување во своите редови“, вели Маричиќ.
Министерот додава дека многу меѓународни извештаи конкретно посочиле за одредени состојби во правосудството, за која е потребно да се види дали има намерно заташкување на предмети, намерно нивно застарување, неправедно постапување или недоволна заштита.
„Сепак има светло на крајот од тунелот. Не случајно Европската комисија има зборови токму за проактивната улога на судскиот совет. Ова се однесува особено во делот на примената на новите правила за именување и унапредување на судиите, како и за утврдување на дисциплинската одговорност и нивно евентуално разрешување.
Во периодот од 2019 и 2020 година се разрешени 8 судии, а согласно информациите од судскиот совет има постапки за уште 83. Ако сакаме да успееме и да станеме модерна европска држава, правда едноставно мора да има и тоа еднакво за сите и тоа бескомпромисно и со еднаков аршин. Само така може да се зголеми довербата на граѓаните во судството и обвинителството, преку разрешница на крупни судски случаи со „големите риби“, додаде Маричиќ.
Д.М.
монтажа: Ариан Мехмети