На 10 декември ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе го одбележи Меѓународниот ден на човековите права, а воедно и 20 години од основање на организацијата, со Фестивалот на слободата, кој ќе се одржи во Музеј на Град Скопје, со почеток од 17:30 часот, каде свој настап со диџеи сетови ќе имаат Соња Исмаил, Марга Сол, ДЈ Дино, ик онцерт на Фолтин.
Разговаравме со Марга Сол, позната диџејка во државата, но и надвор. Таа вели дека идејата за диџејството и музичка продукција се појавила на нејзини 5 години, кога го добила мал синтисајзер како подарок од нејзиниот дедо, започнала да свири и тогаш дознала дека е заљубена во музиката. На свои 13 години посетувала приватни часови по клавир, но нејзините родители во тоа време мислеле дека од музика не може да се заработува и ја насочувале кон економија, право…
„Од музика никогаш не се откажав, продолжив со едукација по музичка продукција и рекординг во „Ентерпрајз“, музичкото училиште на Валентино Скендеровски, и продолжив со музичка продукција и издавање. Првиот албум ми е издаден од канадска издавачка куќа и потоа продолжи целата кариера кон Европа, Америка итн“, вели Марга.
„Првиот настап како ДЏ ми беше во 2005 година, започнав во околината на Македонија, прво надвор, па потоа во Македонија. Потоа почнав цело време да излегувам надвор и сега секое лето сум во Шпанија, Грција, Мексико, Доминиканска Република, Мајами итн… Тоа е пасија која сè уште не завршила, веќе 15 години го работам тоа професионално и како хоби. Значи, работа од љубов“, вели таа.
Марга вели дека можност за уметниците да творат има секогаш и секаде, па така и во Македонија.
„Јас почнав во време кога ништо немаше достапно на интернет, да видам како функционираат програми, што значи продукција, купував книги од Амазон, итн… Сега е достапно сè за секого. Со новата опрема секој може да се научи да пушта музика. Можноста е голема, имаме училишта и школи, многу луѓе кои имаат познавање, само треба да има желба, интерес и континуитет во истата работа“, додава таа.
И покрај можностите, во споредба со други земји, таа смета дека Македонија е на многу ниско ниво.
„Во однос на тоа што го гледам надвор, ние сме на многу ниско ниво во однос на топ европски држави. Кај нас, според мене, музиката е многу американизирана, цела младина е свртена кон тој за мене неквалитетен поп, со тоа и ние диџеите имаме проблем да се изразиме како што сакаме. Сцената е премногу ограничена, мислам дека треба да има поголема варијација и дека тоа многу зависи не од народот, туку медиумите и менаџерите на клубовите и локалите каде се пушта музика. Тоа што се сервира преку медиумите е тоа што младината го слуша. Тоа што ќе го наметнат менаџерите преку диџеи и стил на музика тоа и младината ќе го слуша“, вели таа.
Во однос на човековите права таа вели дека е добро што се подигнува нивото на почитување на човековите права, но дека треба сè уште да се работи.
„Сè уште има движења за правата на жените, расните разлики… Треба повеќе да се работи на случајот и мислам дека е тоа директно врзано со колективната свест на луѓето“, додава таа.
„Почитувањето на човековите права на државно ниво зависи од колективната свест на едно општество, кај нас функционираме добро, мислам дека се движиме нагоре, се надевам дека свеста ќе се подигне“, вели Марга.
За крајот, таа додава една порака дека сите сме еднакви и исти на овој свет и дека сите имаме еднакви човекови права, без разлика на расна, државна, социјална или општествена припадност.
Ангела Петровска
Камера, монтажа и фотографија: Ариан Мехмети