Градењето ѕид (преграда) во општина Ѓорче Петров помеѓу две етнички заедници, не само што не е во согласност со европските вредности, не е ни во согласност со европските принципи, односно со правниот поредок во нашата држава. Имаме највисок правен акт којшто го гарантира принципот на еднаквоста, солидарноста и ред други работи, кои треба да ги инкорпорираме не само во нашето секојдневно општество, не само во нашето секојдневно делување, туку и нешто што се вика креирање на политики на локално и национално ниво“, истакна активистот за човекови права Тефик Махмут на панел дискусија на ЦИВИЛ на тема: „Европските вредности – реална перспектива или недостижна цел?“.
„За да бидеме дел од Европската унија треба да исполнуваме одредени критериуми, тука алудирам на Копенхашките критериуми каде што меѓу другото е почитување и унапредување на правата на малцинствата. Особено на ранливи категории како што се Ромите во нашата држава.
Медиумите се креаторите или некој што влијаат во креирање на јавно мислење, но веќе имаме нешто опипливо каде можеме да го оптимизираме и да го користиме за некој правец во некои реформи, дали тоа е во невладиниот сектор или владиниот сектор, дали тоа е на локално ниво или на национално ниво. Тука алудирам на прогрес рипортите што веќе ги имаме од Европската комисија во рамки на кои што меѓу другото се збори и за правична и соодветна застапеност на малцинските групи во нашата држава, каде што живеат и Ромите. Во оваа политичка гарнитура Ромите не се застапени во повисоките ешалони на истата гарнитура. Немаме министри, нема заменици министри, дури нема ни директори како што имавме во претходната власт. Тоа е нешто што е прагматично и тоа е нешто што можеме да го користиме како алатка за донесување на некои позитивни примери на локално и на национално ниво“, нагласи Махмут.
Тој додаде дека се поднесени претставки за дискриминација на Ромите до надлежните институции кои се занимаваат со оваа област, додавајќи дека Националната платформа за онлајн учење не е достапна на ромски јазик, што се коси со европските вредности и принципи. „Ако сакаме да бидеме држава што претендира да биде дел од ЕУ не смее да има вакви испади“, додаде тој.
Махмут потенцира дека промените почнуваат од нас за нас, имаме процес на социјализација каде што индивидуата прима информации и врз база на тие информации создава сопстевено јас, создава перцепција, создава слика за светот. имаме секундарна социјализација која е надвор од рамките на семејството која што се гради со вакви дебати, размислувања, процес на образование итн…
„Ако имаме вредости во рамки на семејството каде не учат дека треба да седиме мирни бидејќи тетката со буквата „Ц“ ќе дојде ќе нè украде, или „Ц-то“ го употребуваме во негативна конотација и генерализираме цела една етничка група, секако дека ние како индивидуи кога ќе дојдеме во допир со припадник на таа етничка група, сакале или не сакале потсвесно ќе имаме еден степен на тензија кон таа индивидуа кој е припадник на таа етничка група, мислам на Ромите. Утре да бидеме носители на јавни функции ние ќе ги носиме тие вредости заедно со себе, ние свесно или несвесно ќе ги инкорпорираме во тие политики во локално или национално ниво.
Пример со изградбата на ѕидот во Ѓорче, ние наместо да градиме мостови кои ќе ги поврзуваат двете различни етнички групи, ние градиме ѕид којшто не само потсвесно туку и апла визуелно ќе ги сегрегира тие две етнички групи. Замислете кога децата ќе пораснат, поради недостаток на комуникација и дружење, секако дека тие две етнички групи потоа ќе имаат тензии, не само во секојдневнато живеење туку и утре ако се носители на јавни функции ќе ги инкорпорираат тие вредности во јавните функции.
Теоретскиот и оперативен аспект на правото ти вели „не треба да нè сакате, но треба да нè почитувате“. Англичаните велат „можеби не можам да те натерам да ме сакаш, но ќе го регулирам твоето однесување и ќе те натерам да ме почитуваш“, зошто е тоа така, бидејќи правичната рамка ти го налага истото.
Имаме политички партии, но имаме и чинители во власта, и нашиот фокус е чинителите во власта, носителите на политики во власта и тука треба да се фокусираме. Истите носители на власта тоа што го говорат во кампањите треба и да го практикуваат и откако ќе дојдат на власт, и тоа е вредност, принцип на кое треба да се фокусираме. Меѓународната заедница е толку добро инсталирана и сè што е корица и фасада се гледа од авион, и вистинските реформи и промени кога ќе бидат ставени на место тогаш и меѓународната заедница ќе го иницира тоа и ќе ни дава простор и време за наша евроинтеграција“, нагласи Махмут.
Д.М.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фото: Игор Џадиноски