Лажна вест на „куририте“ дека Шилегов ги вади канделабрите од Скопје за време на полициски час

Порталите Курир и Република објавија лажна вест (26/4/2020) дека за време на полицискиот час, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов ги извадил канделабрите. Ова е само една од многуте илустрации како се креираат и шират лажни вести, кои потоа на социјалните мрежи предизвикуваат говор на омразата.

Екипата на ЦИВИЛ Медиа сними видео со кое се демантира лагата на „куририте“, односно канделабрите не се извадени од плоштадот во Скопје.

Порталот Курир пишува: „Граѓанин на својот профил на Фејсбук објави фотографија на која се гледа дека работници ги вадат канделабрите во центарот на Скопје за време на полициски час. Пред неколку дена Шилегов на ФБ зборуваше за КОВИД-18, не 19, а сега вади канделабри среде полициски час, знаејќи дека нема да има реакции, затоа што сите се принудно дома“.

 

Но, „граѓанинот“ од кого ја презедоа информацијата Курир и Република е Зоран Узунов, член на политичката партија МОРО Работничка Партија, како и претседател на Семакедонски национален совет, во јавноста е познат како еден од најгласните „бојкотирачи“ со ставовите за „чиста Македонија“ и дека „Македонија е на Македонците“.

Оваа лажна вест ја споделиле 450 граѓани и има над 200 коментари кои најчесто се со говор на омраза.

Всушност фотографијата што ја сподели Узунов е од периодот кога папата Франциск беше во посета во Скопје, или можеби кога се поставуваа…

Дали надлежните институции ќе преземат мерки за санкционирање на лицето Зоран Узунов, како и порталите Курир и Република, бидејќи со нивните објави предизвикуваат опасност. Свежи се сеќавањата кога група граѓани потпаднаа на лажната вест и со жив штит отидоа да го бранат „отстранувањето“ на воинот на коњ на плоштадот во Скопје.

Дехран Муратов
монтажа: Биљана Јордановска