Учениците кои учат во средните училишта во Куманово, се соочуваат со голем број проблеми поради условите во кои се одржува наставата. Паралелките на албански наставен јазик од гимназијата „Сами Фрашери“ и од средното техничко училиште „Наце Буѓони“, по одвојувањето од матичните училишта, денес работат во импровизирани простории. За условите во овие две училишта, пишува граѓанскиот новинар Зенел Мифтари, кој до пред само една година бил ученик во училиштето „Наце Буѓони“.
Од 2004-та година, наставата во оваа гимназија се одвива во адаптирани простории во поранешната дирекција на ЗИК „Куманово“. И покрај сите ветувања за дислокација на гимназијата во простории кои ќе одговараат на потребите на учениците, тоа повеќе од 10 години не се случува.
Учениците се незадоволни со условите, при најмал дожд - од покривот тече вода и неретко и компјутерите им се расипуваат од протекувањата. Во тоалетите не е средена канализацијата, постојано се шири реа која е пречка да се одржува наставата.
Паралелките на албански јазик од средното техничко училиште „Наце Буѓони“, само импровизирано се поделени со гимназијата, и оттаму тврдат дека им недостасуваат услови за одржување на практичната настава за да бидат подготвени за понатамошното, високо образование, Тие потенцираат дека би сакале да ги имаат истите услови како нивните соученици-Македонци.
„Немаме спортска сала, ниту широк спортски терен. Немаме ни училишен двор, каде што можеме да се рекреираме за време на големиот одмор, затоа што училишниот објект е поставен (изграден) покрај булеварот“, велат учениците од овие средни училишта.
ЦИВИЛ Медиа разговараше со раководителот на Секторот за образование во Општина Куманово, Жика Крстевски.
„Овој проблем потекнува од пред повеќе од 10 години, кога место интеграција меѓу различните етнички заедници, се случи дезинтеграција и албанските паралелки се одвоија од матичните училишта, во импровизирани простории. Проблемот е реален, овие две училишта не ги исполнуваат основните стандарди за одржување на настава. Ние не бегаме од фактичката состојба, но според финансиите и надлежностите кои ги има локалната самоуправа, ние не можеме да обезбедиме дислокација на овие паралелки. Министерството за образование и наука ја има надлежноста и оттаму подолго време ветуваат дека албанските паралелки од овие училишта ќе се дислоцираат во касарната, но тоа сé уште не се случува“, вели Крстевски.
Текст и фото: Зенел Мифтари
Оваа содржина се објавува во рамките на септемврискиот циклус од натпреварот „Биди граѓански новинар“ на проектот Граѓански објектив на ЦИВИЛ - Центар за слобода, поддржан од National Endowment for Democracy. Содржината на овој прилог е минимално редактирана од редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, соодветно на концепцијата на проектот и на веб страницата.
This post is also available in: Albanian